Поради дефект на 110 киловолтните далекуводи на АД „МЕПСО“, „Битола Ресен“ и „Вруток-Шпиље“, претпладнево околу 11.35 часот, без електрична енергија останаа градовите Охрид, Струга, Ресен Дебар и околните села.
По два часа прекин, делови од Охрид на кратко добија електрична енергија, по штo уследи нов прекин.

Како што неофицијално дознаваме, причина за дефектот се обилните врнежи на снег, кој е влажен и тежок. Но што точно го предизвикал падот на системот на МЕПСО, треба да утврдат екипите на компанијата кои се на терен и работат интензивно на нормализирање на електроснабдувањето во југозападниот дел на земјата.
Засега не се знае кога точно може да се очекува да се нормализира снабдувањето со електрична енергија во регионот со речиси 200.000 жители.
Поради дефектот, проблеми во регионот има и со мобилната телефонија и интернетот.
Во одредени планински реoни во регионот, поради големи наноси од снег отсечени се цела села. Отежнато се одвива и сообраќајот, особено на превоите каде има и забрана за товарни возила.
Г.М.











