Здравствени работници, спортисти, пожарникари, припадници на полицијата и армијата, рудари, земјоделци, волонтери на Црвен крст, извидници, национални ансамбли и културно-уметнички друштва, продефилираа низ центарот на главниот град, во рамки на одбележувањето 30 години независност на Македонија.

Во рамки на свеченоста Националната филхармонија ја изведе Бетовеновата „Ода на радоста“, а легендарниот македонски гитарист Влатко Стефановски ја отсвири антологиската „Абер дојде Донке“.

Следеа обраќања на претседателот Стево Пендаровски, на претседателот на Собранието Талат Џафери кој се обрати преку видео врска, како и на премиерот Зоран Заев.

Во рамки на културно-уметничката програма беше изведен сплет од познати нумери специјално аранжиран за оваа пригода, отпеан на јазиците на седум етнички заедници кои живеат во земјата, а ќе програмата беше заокружена со спектакуларен огномет и аудиовизуелниот перформанс врз зградата на Парламентот, со наслов „Минато, сегашност, иднина“ на Емил Петров, Петар Џон и Глигор Постоловски.

OhridNews