Градоначалникот Никола Бакрачески денес прими делегација од Катар предводена   од  амбасадорот од Катар  во Република Македонија,Н.Е. Хасан Бин Абдула Ал Махмуд.  

По првичниот работен состанок, на кој се разговараше  за можностите   за инвестирање во Охрид во делот   на  туризмот, прехранбената индустрија и преработка на рано градинарски култури, како и инвестирање во мали шопинг центри, на денешната средба градоначалникот Бакрачески го информира амбасадорот од Катар  и за одредени проекти  и локации  во општината, погодни за инвестирање.

На средбата стана збор за неколку локации на самиот езерски брег, погодни за изградба на хотели и објекти од областа на здравствениот туризам .Почесниот гостин беше запознаен и со можноста да се  инвестира во изградба на хотелски комплекс  кој би се наоѓал на самиот езерски брег кај Градиште од каде е предвидено да започнува и ски центарот Галичица, како и за  можностите да се изгради луксузен еколошки комплекс крај езерскиот брег кој би имал систем на канали и мали езерца поврзани со Охридското Езеро. Притоа   гостите од Катар беа  запознаени  со поволните услови кои ги нуди Општина Охрид при евентуалното инвестирање. Катарскиот амбасадор побара податоци од проектот за ски центарот Галичица да бидат доставени до Амбасада на Катар во Македонија.

На средбата се разговараше и за директни  авио –линии Доха –Скопје-  Охрид , визно олеснување, кое заедно со добра реклама за Охрид и Македонија  би биле главни предуслови за да се привлечат гости од Персискиот Залив. Во таа насока ќе бидат и Организирањето на  туристичка работилница за тур оператори, туристички работници и новинари од познати катарски медиуми во Охрид, како и организирање  на денови на Охрид во Катар.

OhridNews