Се повеќе се зголемува бројот на лица кои заболуваат од деменција. Податоците од 2020 година на светско ниво говорат дека 55 милиони жители се регистрирани на годишно ниво во светот од Алцхајмер. Оттогаш ова бројка е сигурно двојно поголема, посочи психијатарот д-р Јулија Василевска на денешната одржана трибина „Алцхајмер и деменција – тивките крадци на спомените“ која се реализираше во рамки на проектот „За поубав свет“ што НУ Библиотека „Григор Прличев“ го спроведува заедно со Лајонс клубот „Деница“.

Воедно, потенцира дека многу е важно да има институции или установи каде ќе можат лицата со деменција да бидат згрижени, но многу важни се и превенцијата и раниот третман.

За Македонија точна бројка немаме, но во 2020 година 55 милиони жители се регистрирани на годишно ниво во светот од Алцхајмер. Велат дека секои три секунди по еден болен се дијагностицира. Оттогаш таа бројка е двојно поголема, а и удвоена затоа што сепак кај нас доаѓаат во многу покасна фаза на болест.  Има Алцхајмерoва болест и Алцхајмерова деменција. Деменцијата е кога веќе ќе настанат симптоми кои се видливи. Болеста трае многу, многу поназад и затоа не можеме да кажеме точно која е бројката затоа што бројката е сигурно дупло или тродупло поголема. Сè почесто и почесто во амбуланта ако ни доаѓаат по дваесет пациенти во денот на прегледи сигурно тројца-четворица ќе дојдат со деменција. Тоа не се нови пациенти. Меѓутоа ќе дојдат за препис на терапија, ќе дојдат за побарување на нели права што им следуваат од социјалната сфера, кои прво треба да дојдат кај нас за потврда на дијагноза. Така да, за жал, сè почесто и почесто се сретнуваме со таква дијагноза, потенцира Д-р Василевска.

Најчесто, околу 85% болеста е присутна кај возрасните над 65 година и е претежно болест на старата популација.

Имаме и неколку случаи во Охрид, 10-20, кои се под 65-годишна возраст. Тука се работи веќе за рана деменција која е една друга етиологија, друга симптоматологија, така што многу порано се случува, многу побрза прогресија има, многу побрзо осиромашување и за таа деменција, да кажам, сè уште се испитува затоа што се надеваат дека во таа деменција ќе ги најдат и причините и лекот. Оваа што се јавува порано, тоа се неколку типови на деменција, затоа што се претпоставува дека кај неа може да има и генетска предиспозиција, односно предиспозиција на ниво на клетка на митохондрии на нервно ткиво, е доста со потешка форма, со потешка прогноза и побрзо се развива, вели Д-р Василевска.

Кај деменцијата покрај тоа што е карактеристично пропаѓање на свежата меморија, појаснува, доаѓа и до промена на личност и истата може да стане или еуфорична или да се повлече или подепресивна, да стане понеспретна.

Доаѓа до повпечатливо пропаѓање на личност. Тоа е постепено во рок од неколку години од блага до умерена фаза, а во умерена фаза веќе е препознатливо затоа што настанува постојана дезориентација. Таа дезориентација оди прво во простор, во време, кон личности и на крај кон себе како што прогресираат симптомите. Последните фази на болеста веќе се со тешка фокалната невролошка симптоматологија, со заборавање како да се движи, со ослабнување на мускулатурата, со ослабнување на нервното ткиво кое се префрла од мозокот и на пониските делови и доаѓа до една состојба кога пациентот не може да стане и најчесто тие пациенти умират не од самата деменција, туку од респираторни инфекции затоа што се засега и голтањето. Добиваат сспирациона пнеумонија која многу тешко се лечи затоа што и мускулатурата ослабува.

Ако се започне со терапија во поран стадиум, вели Д-р Василевска, истата има ефект. Терапијата е симптоматска и делува на пролонгирање на периодот на прогресија на болеста.

Терапија за излекување на болеста нема, не постои. Меѓутоа, ќе апелирам дека е неопходно на први знаци кога ќе приметат промена на личност, да се дојде порано за да може да се воведе терапија, затоа што кога се помлади подобро ја прифаќаат терапијата. Терапијата има и одредени некои несакани дејства и треба постепено да се титрира. Некогаш се титрира и два три месеци терапијата. Терапијата делува на тие бихевиорални потешкотии затоа што најчесто бараат пациентите доктор кога се во доцна фаза и кога ќе дојдат бихевиорални и психијатриски потешкотии, односно проблеми во однесувањето и психијатриски проблеми, како агитација, халуцинации, вознемиреност, раздразливост и агресивност, симптоми кои се веќе неподносливи за околината.

Покрај тоа што е ова болест на возрасна популација, вели, превенцијата е многу важна, затоа што со науката се покажани уште четиринаесет дополнителни фактори кои влијаат таа дементна слика да биде полоша и побрзо да се развие.

Влијаат дебелината, пушењето, прекумерна конзумација на алкохол, висок ЛДЛ холестерол, дијабет, отсуство на депривација на сетила, значи глувост, слепост. Тука делот од мозокот не се активира доволно дополнително. Губиток на социјални контакти и ќе апелирам бидејќи премногу се затворивме, почнавме да живееме во свој свет, почнавме да живееме со техника која ни служи, меѓутоа ништо не може да го замени зборот и социјалниот реципроцитет. Тоа е нешто неопходно за да може да се развие нашиот мозок, да го подриваме интересот и да можеме по подолго време да го чуваме свеж нашиот мозок.

Потенцира дека за лицата со деменција недостасуваат институции, установи како за целосно згрижување така и како дневни центри каде што луѓето ќе имаат некои активности, каде додека се роднините на работа ќе можат да се згрижат, каде што ќе има терапевти кои што ќе се обучени затоа што, вели, постои реминисцентна терапија каде што пациентите низ фотографии, низ слики, низ настани ја освежуваат својата меморија.

На некој начин се обидуваме да вратиме нешто од меморијата или да пробудиме некој интерес. Терапија со музика, со некои активности, мануелна терапија. Немаме таков кадар сé уште обучено кај нас. Немаме такви институции сé уште кај нас. Сé спаѓа на приватните домови. Во Охрид ги имаме Геријатрискиот центар и во болницата Свети Еразмо. Меѓутоа во другите градови на пример во Битола веќе има Дом за домување и за чување, значи каде што ќе се лица кои не можат самостојно да живеат, кај кои веќе се нарушиле функциите, а сепак се на нозе, не се приковани за кревет, за постела, можат да си го организираат својот живот таму. Може треба да се формираат и повеќе дневни тријажни патронажни сервиси, додава.

Истакнува дека навистина е голем проблем кога ќе дојде пациентот со деменција во фаза на тешка дементна слика и  е веќе за институционално негување.

Не можат домашните дома да го негуваат. Не можат затоа што се обременети со обврски со работа. Не можат затоа што тоа е емотивен проблем. Дополнително сега со иселувањето, со намалувањето на бројот на популација, со распаѓањето на она традиционално семејство каде што десет души седеле во дневна соба, спаѓа обврската на многу помалку луѓе, што е потешко да се обезбеди добар третман, додава Д-р Василевска.

Инаку, трибината се одржа во рами на проектот кој е дел од Годишната програма на Библиотеката финансиски поддржан од Министерството за култура.

Н.С.Ј.