Општина Охрид има Индекс на отвореност на локалната самоуправа од 49% според последните мерења за 2026 година. Истражувањето кое беше спроведено во периодот од 1 февруари до 30 јуни од страна на Фондација Метаморфозис и Рурална Коалиција дава преглед на вкупните перформанси, придружен со патоказ од препораки за унапредување на состојбата.

Во споредба со 2025 година (40%), во 2026 година просекот на отвореност на општините изнесува 39%, што претставува благо намалување од 1 процентен поен. И покрај позитивните примери кај одделни општини, овој резултат покажува дека локалната самоуправа и понатаму се соочува со значителни предизвици во воспоставувањето системски и одржливи практики на добро владеење.

Во 2026 година, наодите од Индексот на отвореност покажуваат дека најотворена единица на локалната самоуправа повторно е Крива Паланка (73%), по која следуваат Берово (69%), Демир Хисар (68%), Битола, Делчево и Кочани (67%), Велес (65%), Карпош (64%), Гази Баба (61%), како и Кавадарци, Кичево и Гевгелија (58%). Најдолу на ранг-листата се Студеничани и Лозово (8%), а со малку подобри резултати од нив се Боговиње (11%), Сопиште (13%), Врапчиште (14%), Чучер Сандево (16%), Чаир (18%) и Шуто Оризари (19%). Разликата од 65 процентни поени помеѓу најдобро и најслабо рангираните општини укажува на изразени нееднаквости во примената на принципите на добро владеење на локално ниво.

Индексот ги оценува перформансите на локалната самоуправа во областа на доброто владеење преку четирите начела: транспарентност, свесност, пристапност и интегритет.

Најдобри резултати локалните самоуправи постигнуваат во областа транспарентност (47,8%), додека најслаби се во областа свесност (26%).

Иако промените по одделни области се релативно мали, намалувањето кај транспарентноста и пристапноста загрижува бидејќи овие области имаат директно влијание врз информираноста на граѓан(к)ите, нивното учество во локалното одлучување и јавната отчетност. Резултатите повторно потврдуваат дека степенот на отвореност не зависи исклучиво од големината на општината, бројот на жители или расположливите финансиски ресурси, туку во голема мера од институционалната посветеност, воспоставените внатрешни процедури, активното раководење и проактивното објавување информации, велат од  Фондација Метаморфозис.

Кај дел од ЕЛС и понатаму се присутни подолги периоди без ажурирање на веб-страниците, нецелосни информации или нефункционални секции, како и недоволна достапност на информациите на сите службени јазици.

Значителен број документи недостасуваат, не се редовно ажурирани или се објавуваат во формати што ја ограничуваат нивната употребливост, а потребно е што повеќе податоци да се објавуваат во отворен формат. За суштинско подобрување е потребен системски пристап, јасно дефинирана одговорност за ажурирање на информациите и континуирано вложување во транспарентноста, отчетноста и вклучувањето на граѓан(к)ите, потенцираат од  Фондација Метаморфозис.

OhridNews