Кома и Шин пред охридската публика ќе изведат музичко поетски перформанс, по што се познати во многу делови од светот, што не може да се каже за овие простори. Кеико кома е извонредна поетеса, а Идаки Шин изведува традиционална јапонска музика.

Но, кои се овие луѓе и зошто се во Охрид? Г-ѓа Кеико Кома и г-динот Тадамитсу Саито за Охрид слушнале за време на посетата и одржувањето концерт во Велико Трново, Бугарија мината година. Беа и гости на градоначалникот Петрески во февруари годинава, кога шетаа низ Охрид и се „хранеа“ со инспирација за креирање стихови и музика. Пред неколку дена тие одржаа концерт токму во Велико Трново, утревечер се во нашиот град, а „турнејата“ ја завршуваат на 16-ти овој месец во Битола.
По повод настапот во Охрид, Идаки Шин и Кеико Кома денеска беа примени од градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, каде уметниците од далечниот исток објаснија каков перформанс спремаат. Иако далеку од тоа дека на концертите се неприпремени – напротив, сепак Охрид им дава инспирација за оригинално творештво и импровизација.

„Овој концерт има подлабоки корени и поголемо значење отколку што изгледа на прв поглед“ рече градоначалникот Петрески. „Јапонија е голема земја со голема традиција и историја. Фактот што овој концерт ќе биде на интернет, во живо, ќе значи многу за Охрид и Македонија. Јапонците многу патуваат и мораме тоа да го искористиме, да го претставиме Охрид. Најблиску што досега доаѓале јапонски туристи е Грција. Убеден сум дека ќе почнат да доаѓаат и овде, во Охрид.“ додаде Петрески кој на уметниците им подари слика и копија од охридската „Златна маска“.
„Мојата музика ги буди луѓето да ја возобноват својата првична моќ на животот, ги охрабрува луѓето да прескокнат преку секоја тешкотија и да живеат полн и среќен живот“ изјавува Идаки Шин.
Да го парафразираме градоначалникот – ништо нема да разбереме додека не видиме и чуеме. Концертот е вечерва на Антички театар. Почеток во 21.00 часот. Влезот е бесплатен.












