Македонската православна црква денеска го одбележува празникот Божиќни поклади, денот кога треба да се прости, но и побара прочка од другите, да се исповеда за гревовите, за потоа со мирна совест ,од утре,  се почне Божиќниот пост кој трае 40 дена.


Суштината на Божиќниот пост не е во строгото почитување, туку во послушноста кон Бога, кон кого ја нудиме оваа духовна пожртвуваност и смиреност. Има верници кои од различни причини не можат да постат, како што се болни, доилки, бремени жени, но и здрави луѓе кои не се навикнати и не може да го следат строгиот пост. Ним со благослов од свештеник може да им се ублажи постот и да го држат само првата и последната недела без масло. Или пак кога станува збор за болните да им се овозможи умерено да користат дел од млечните производи во исхраната. Пред се треба да се има желба да се прифати постот како нешто убаво што сакаме да го дариме кон Бога, а не како казна. Со постот се прави еден гест пред Бога дека сакаме да му сме послушни, спротивно од непослушните Адам и Ева кои не го почитуваа постот и забраната за овошјето во рајската градина, вели Отец Сашо Ристески, парохиски свештеник во црквата Свети Никола, во Долна Влашка Маала.

Божиќните пости траат шест недели и се во чест на раѓањето на Господ Исус Христос.


Во последните години постот се прифаќа од се поголем број помлади и постари верници, но сеуште нивниот број е далеку од оној посакуваниот број верници кои ќе ја практикуваат светата тајна исповед и пост, додава Отец Сашо.

Утрото на Бадник, дечињата кои ги симболизираат ангелите, пеејќи коледарски песни од куќа на куќа, рано утрото го најавуваат Раѓањето Христово.  Божиќниот пост завршува на Бадник, предвечерието на Рождеството Христово, со посна вечера.

Големиот празник, Божиќ, почнува со света божествена литургија која се одржува во верските храмови, каде сите кои се подготвиле со пост за причестување се причестуваат по литургијата, по што традиционално се подготвува домашната трпеза и со најблиските се прославува празникот.

Т. Кувенџиска