По повод празникот Петровден, денеска на Охридското Езеро ќе се одржи традиционалната староградска пловидба „Ој љубов, љубов“ со ВИС „Билјана“, еден од најавтентичните летни настани во градот.
Збирното место на сите пловни објекти што ќе учествуваат во пловидбата, исклучиво со веслање, е плажата Канео во 17:30 часот, од каде ќе се плови до Старото пристаниште. Од 18:30 часот настанот ќе може да се следи и од копно, а присутните ќе имаат можност заедно со ВИС „Билјана“ да уживаат во изведба на познати охридски и македонски староградски песни.
Организаторите апелираат за почитување на правилата за безбедност, забрана за употреба на пиротехнички средства и моторните пловни објекти да се држат подалеку од колоната со веслачите и кајчето со ансамблот. За безбедноста ќе се грижат редарската служба, Езерската полиција, Капетанијата на пристаништата и Црвениот крст.
OhridNews











