Непосредно пред научната конференција за блатни екосистеми што идната недека ќе се одржи во Охрид, каде што се очекуваат околу 50 научници од целиот свет, вчера околу 20 часот на Меѓународниот аеродром Скопје експресно бил депортиран научник со колумбиски пасош, а живее и работи во Швајцарија. Причината за итната депортација е што научничката немала виза за Република Македонија, објави неформалното еколошко движење Охрид SOS на својата фејсбук страна.

– Залудно и таа и нејзиниот сопруг, исто така научник, им објаснувале на неспособните припадници на МВР / МНР дека таа го исполнува третиот услов за дозволен влез во Република Македонија објавен на интернет страницата на МНР. На оваа страница јасно пишува дека тие што имаат шенген виза со повеќе влезови НЕ ТРЕБА да имаат и македонска виза за да влезат во Република Македонија. Госпоѓата, патем петти месец трудна, била насилно качена на авион назад за Цирих без можност и да се поздрави со својот сопруг за кого немало место во авионот да се врати заедно со неа. Згора на сѐ, ѝ бил ставен и црн печат во пасошот! А таа е научник со меѓународна кариера и тој црн печат и тоа како може да ѝ пречи во понатамошното извршување на нејзината работа – таа постојано патува поради конференции или теренски истражувања! – објави Охрид SOS.

Денеска и нејзиниот сопруг заминал назад за Цирих и го откажал своето учество на конференцијата во Охрид.

OhridNews