Децентрализацијата во земјава во последниве три години е во целосна стагнација, покажуваат најновите истражувања на Фондацијата отворено општество во Македонија, како дел од проектот „Транспарентност и ефикасна децентрализација“. За ова истражување ангажиран е Центарот за развој на локалната демократија, а со цел добивање пообјективна слика за овој значаен процес, истражени се мислењата на 1761 испитаник, од кои 161 се охриѓани.

Според Јане Вртески, претставник на Центарот за развој на локалната демократија, истражувањата опфаќаат четири сегменти, меѓу кои политиката на централната власт, финансиската децентрализација, работа на администрациите при давање на услуги и опфаќање на транспарентноста на работата. „Оваа е трета година како ги спроведуваме истражувањата, кои ги правиме на крајот од октомври месец. Сакавме да видиме како граѓаните ја перцепираат работата на општината и квалитетот на услугите кои се нудат. Дали граѓаните ги разликуваат услугите кои се понудени од централната и локалната власт, какво мислење имаат, односно како гледаат на нив.“ – вели Вртески.

Податоците покажуваат дека има разликите во урбаните и руралните средини околу ефикасноста на децентрализацијата. Разлики има и помеѓу општините во Скопје, со оние од внатрешноста во земјава. „Во Охрид, зависно од процесите во изминатиов период, децентралзацијата создава некои потешкотии. Може да се види дека достигнувањата на самата општина се поради сопствените активности. Вкупниот индекс на овој процес кој бил голем, се намалува и создава проблеми при реализација на проектите. Факт е дека во земјава имаме стагнација на овој процес. Немаме никаков напредок, а потребен е нов импулс за да не тапкаме во место“ – потенцира Вртески.
Граѓаните со најголема оценка ги означуваат услугите на основното и средно образование, паркови и зеленило, згрижување на децата во градинките, превоз на ученици, заштита на културно наследство, противпожарна заштита, водоснабдување и канализација, справување со отпад и некои други. Сепак, охриѓани не ги разлкуваат услугите кои се нудат на локално и централно ниво.   

Најзначајно зголемување имаме во образовниот процес, кој граѓаните го оценуваат како сектор каде најмногу се вложува. Во период на децентрализација, за оваа област надлежна е локалната власт. Некои граѓани мислат дека поединечни услуги кои ги нуди државата, припаѓаат на општината, со што кај охриѓани се создава негативна слика за работата на локалната власт. Најслабо оценети се услугите кај домовите за деца без родители, домови за стари лица, активност за зголемување на вработеноста, справување со животни скитници и други.“ – вели Вртески.

Првиот човек на Охрид, Александар Петрески, смета дека децентрализацијата е најважен процес што треба да се случи во земјава.  „Процесот кој отпочна во 2005-та година, се движи во обратна насока. Повеќе сме централизирани отколку кога почна овој процес. Средствата на граѓаните кои ги плаќаат не се влеваат во општинскиот буџет, односно, охриѓани не можат да одлучат како  тие ќе ги трошат.“ – вели Петрески.
Како што нагласи тој, парите на охриѓани наместо за жичара на Галичица, се пренаменети за жичарата на Водно. „Некој друг одлучил со парите од охриѓани да се изгради жичарата во Скопје. Целото крајбрежје ќе се прогласи за туристичка зона, за која ингеренции ќе има само државата. Така сите пари од нашите сограѓани ќе се слеваат во државниот буџет, со кој ќе се градат споменици во центарот на главниот град.“ – завршува Петрески.
OhridNews