Министерството за транспорт и врски распиша објава за јавно наддавање за давање под краткотраен закуп на плажи на Охридското езеро во општина Струга. Предмет на јавно наддавање се 9 плажи – капалишта за кои почетна цена на јавното наддавање изнесува 55,00 денари по метар квадратен, пресметана како годишна закупнина.
 
Рокот за доставување на пријавите за учество на јавното наддавање трае  до  29.01.2010 година, а јавното наддавање ќе се оддржи на 10.02.2010 година, во просториите на Министерството за транспорт и врски.
 
Согласно насоките и упатствата за уредување на плажите, за користење на плажата закупецот е должен да овозможи слободен влез за посетителите т.е да не се наплаќа надоместок за плажата, исто така закупецот е должен пред отпочнување на дејноста да прибави фискална каса, да достави доказ за лица во работен однос и соодветни дозволи за обавување на дејноста согласно урбанистичко – техничката документација.
 
Исто така, од страна на закупецот потребно е постојната и планираната песочна површина да се уреди во соодветна градежна рамка, да се изнивелира и попесочи со соодветен автохтон песок, постојното зеленило максимално да се почитува и дооформи со автохтони видови, хортикултурно и партерно да се уреди. Сервисниот пункт е потребно да содржи минимум 2 тушеви и санитарни јазли, соблекувални, прирачна остава за чадори, лежалки и други реквизити. Задолжително е закупецот да обезбеди служба за спасување, а исто така и да се постават информативни паноа, безжичен интернет и други погодности за забавен престој, соопшти Министерството за транспорт.

Ohridnews