Бројни обожаватели од општинската администрација попладнево  ги исполнаа ходниците пред кабинетот на градоначалникот, чекајќи во живо да ги видат омилените ликови од турската серија „Кога лисјата паѓаат“, Џеврие и Фикрет, кои денес  беа примени од страна на градоначалникот Александар Петрески.


Сите сакаа да се фотографираат и да имаат спомен од средбата со турските актерки кои пленеа со својата срдечност.


Пиејќи турско кафе со градоначалникот Петрески, актерките ги пренесоа  своите импресии од Охрид и гостопримството на охриѓани. Воодушевени се од природните убавини на градот. Потенцираа дека во Охрид не се за прв пат и  изразија надеж дека наскоро повторно ќе дојдат.


 Актерката Ѓулер Октен, која го толкуваше ликот на Џеврие вели дека реакциите на гледачите во Турција се поразлични од оние на македонските.

–    Во Турција има и негативни реакции поради улогата која ја толкував, но овде претежно се позитивни, вели Октен, на што од страна на присутните на шега беше додадено дека тоа е затоа што македонските свекрви се послични и повеќе се препознаваат со ликот на Џеврие.


Петрески иако за прв пат се сретна со турските актерки, вели дека има чувство како да ги знае подолго време.

–    Серијата ја гледав и јас и моите блиски, впечатокот е како да ги познавам долго време. Нивната посета е значајна за Охрид и неговата промоција. Нема подобра реклама од вакви посети на познати лица, додаде градоначалникот.

Бену Јилдирмлар и Ѓулер Октен во Охрид  ќе престојуваат четири дена, како гости на познатиот водител  Драган Вучиќ  во чија емисија, во сабота ќе настапат.


И покрај тоа што постојано снимаат серии, за среќа најдоја време да го посетат Охрид и да настапат во мојата емисија.Интересот кој го привлекуваат меѓу минувачите е голем. Додека шетавме низ чаршијата луѓето се вртеа, им се обраќаа, буквално не можеа да ручаат од бројните обожаватели, вели Вучиќ.


За време на престојот во Охрид, предвидено е турските актерки да го посетат Свети Наум, Радожда, но и да пловат по езерото на јахта.

Тања Кувенџиска