Државната изборна комисија(ДИК) вчерашните избори ги оцени како фер, демократски и законски.
Од досега обработените 85,86 отсто на гласови, 892.001 важечки гласачки ливчиња, 24.876 се неважечки, 532.180 неупотребени.
Според податоците на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ има освоено 352.336 гласа, односно 39,50 отсто. СДСМ 290.080, односно 32,52 отсто.
Демократската унија за интеграција(ДУИ) има освоено 92.627 гласа, или 10,38 отсто, ДПА 48.080 гласа, или 5,39 отсто, НДП 23.800, или 2,67 отсто, ВМРО-НП 22.734, или 2,55 отсто, Обединети за Македонија 13.510, или 1,51 отсто, ЛДП 12.517 или 1,40 отсто.
Претседателот на ДИК Борис Кондарко информираше дека во текот на ноќта ќе се обработат и останатите податоци.
Оние партии кои ќе достават приговори, тоа треба да го направат во наредните 48 часа.
Излезноста на денешните избори е 63,30 отсто, односно вкупно гласале 916.877 граѓани.
Кондарко истакна дека согласно законот ДИК успеала да организира успешни избори.
извор: „Макфакс“










