Изградената обиколница, булеварот „Железничка“, реконструкцијата на локалните патишта во селата Велгошти, Орман, Оровник, завршувањето на процесот за давање под концесија на аеродромот „Свети Апостол Павле“ и финализирањето на градежните работи на аеродромот, изградбата на станови за лица во социјален ризик и други ранливи групи, уредувањето на крајбрежјето на Охридското Езеро преку склучување на договори за краткотраен закуп на 18 плажи, санацијата на каналите Билјанини Извори и Св. Наум, реализацијата на програмата за субвенционирање на тур-операторите кои носат туристи во земјава, најавените чартер-летови од Холандија за 2011, од Израел и од други земји, се само дел од реализираните проекти кои ги спомна Николоски.
При тоа, тој не изостави да потсети и на реализацијата на музејскиот комплекс „Музеј на вода“ , отворањето на професионалниот театар во Охрид, археолошките истражувања на Плаошник и Самуиловата тврдина и Киклопските ѕидини – Енгелана, проектот за возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник, донесувањето на Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.
Николоски се осврна и на проектите чија реализација следи во наредниот период.
– Во тек е проект за концесија на патиштата на Коридорот 8. Предмет на концесија се и повеќе делници поделени во два пакета. Во вториот пакет е и делницата Требениште – Охрид, како и изградбата на делницата Косел – Охрид – граничен премин Св. Наум, за кој патен правец изработен е идеен проект. На општина Охрид ќе и биде доделен еден од новопроизведените двокатни автобуси од отворен тип. Ќе се инвестира во нови амбуланти во руралните средини во Охридскиот регион, а ќе се преземаат и активности за обезбедување на соодветен простор за основање на национална установа уметничка галерија, рече Николоски.










