Државната изборна комисија (ДИК) ја заврши обработка на сите ливчиња од вчерашните избори, според кои ВМРО-ДПМНЕ освои 437.665 гласови, што е точно 39 отсто, додека СДСМ освоил 367.876 гласови, или 32,78 отсто.

На трето место се наоѓа ДУИ со освоени  114. 870 гласови (10,24 отсто), ДПА 66.055 (5,89), НДП 29.981  (2,67), ВМРО-НП 28.125 (2,51), Нова Демократија 19.732 (1,76), Обединети за Македонија 17015 (1,52), ЛДП 16556 (1,48), по што следуваат партии со освоени гласови под еден процент.

На предвремените парламентарни избори гласале 1.158.459 граѓани, од што бројот на важечки ливчиња изнесува 1.126.392 , а неважечки 32.067. Одѕивот изнесува 63,36 отсто.

ДИК во текот на денот на прес-конференција треба да ги објави првичните официјални резултати од парламентарните избори.

Според симулацијата на граѓанската асоцијација МОСТ, ВМРО-ДПМНЕ има 56 пратеника, со трите пратеника од дијаспората, СДСМ 43, ДУИ 14, ДПА 8, НДП 2.

ЕК: Изборниот ден исполнет со политичка зрелост

Вчерашниот изборен ден во Македонија првично од Европската Комисија е оценет како позитивен.

Од ЕК велат дека финалната оценка ќе ја дадат по заокружувањето на изборниот процес и оценката што денеска ќе ја соопшти мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.

„Она што го видовме досега, изборниот ден  беше исполнет со политичка зрелост. Имаше многу висока излезност на гласачите и добро учество на политичките партии. Изборниот процес сеуште не е финализиран. Ќе имаме уште една изјава веднаш штом тој биде заокружен“, велат од Европската Комисија.

OhridNews
извор: „Макфакс“