Поради пристигнати голем број пријави за неправилности во избирачкиот список, Државната изборна комисија од недела во 24 часот, опцијата за пријавување на неконзистентни записи во избирачкиот список на веб страницата на ДИК ќе биде затворена, јавува „Макфакс“.

„Ова од причина што за пристигнатите пријави е потребно време Државната изборна комисија соодветно да ги обработи, да ги спореди со податоците од вкрстените проверки и да утврди кои од пријавените случаи треба да бидат предмет на теренска проверка“, се вели во соопштението од ДИК.

Од денот на објавувањето на избирачкиот список на својата веб страна, со податоци : име, презиме и адреса на избирачите, до денес можноста да пријават нерегуларности во податоците ја искористиле околу 5.000 граѓани.
.
Државната изборна комисија ја известува јавноста дека извештајот за добиените резултати од вкрстените проверки, ќе го разгледа на јавна седница во среда. Веднаш потоа ќе се започнат подготовки и активности за спроведување на теренската проверка.

Сите граѓани кои не ја искористиле можноста да пријават нерегуларности на податоците во Избирачкиот список на веб страната, ќе можат тоа и понатаму да го направат преку подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија.

Државната изборна комисија со сите пристигнати пријави соодветно ќе постапи на начин што дел од известувањата на граѓаните ќе бидат предмет на административни проверки преку евиденциите на надлежните органи, а за известувањата на граѓаните за грешки во евиденциите за живеалиште, по утврдување на основата, ќе се постапува по спроведените вкрстени проверки.

OhridNews
извор:„Макфакс“