Граѓаните бараат систем на вредности, владеење на право и еднаквост на сите пред законот, ред и дисциплина. И секако дека тој ред можеме да го поставиме. Ја превземавме работата заедно со нашиот коалициски партнер пред некаде две години од некоја нула, дури и негативна состојба, денеска сме на позитивна нула и работите евидентно се случуваат во државата, рече пред почетокот на панел дискусијата во Охрид, претседателот на Движење ЗНАМ за наша Македонија, Максим Димитриевски.
Во Охрид видов дека инфраструктурата интензивно се работи, што не беше случај во минатото. Отворени се голем број на инфраструктурни проекти и на општинско, и на регионално, и на државно ниво. Самата потврда за реализацијата на капиталните расходи во буџетот дополнително го потврдува тоа. И сметам дека само со работа посветени, со сопствените ресурси и помошта којашто доаѓа од надвор, ние можеме да обезбедиме еднакви можности на сите граѓани. Дополнително, партизацијата на државниот систем, против којашто ние како мала политичка партија со мал број на членови се бориме, евидентно е дека нешто смета на граѓаните, бидејќи сакаат под еднакво да бидат третирани на пазарот на трудот, особено младите генерации, коишто за жал, мора да констатирам дека веќе со децении се иселуваат од државата, истакна Димитриевски.
За денешната средба во Охрид додаде дека се тука да поразговараат со граѓаните на Охрид, нивните членови, симпатизери, поддржувачи, да ги отворат сите отворени и отворено да поразговараат со граѓаните за тоа во која насока се движи Македонија, што тоа ЗНАМ како партнер во власта во изминатите две години испорачува и работи.
И секако она што за нас е најбитно – да ги слушнеме сите позитивни и негативни критики на граѓаните, секако сите сугестии, бидејќи сметам дека секогаш може да се постигнат подобри резултати. ЗНАМ влезе во реконструкцијата на Владата и дополнително превзема одговорност во секторот земјоделие, којашто е една од најбитните стопански гранки во државата. Нашата цел пред изборите, во рамки на изборната програма, беше дека ќе работиме за самоодржливост и самоодржлива Македонија и сметаме дека токму во овој ресор можеме да дадеме голем придонес. Излеговме од едно бирократско министерство, како што е Министерството за правда, каде што работата повеќе се гледа на хартија, и влеговме во едно министерство со многу одговорна личност којашто треба да го менаџира истото, којашто доаѓа од земјоделско семејство, сè со цел да ги унапреди можностите на земјоделците во државата и да ја придвижиме Македонија да биде своја на своето и да продолжи да чекори на европскиот пат достоинствено, како што треба, сè со цел граѓаните да живеат подобро во Македонија, додаде Димитриевски.
Дали ќе успеат во тоа, ќе се види од конечниот резултат некаде после две години, посочи, кога ќе излезат на редовни или можеби предвремени парламентарни избори и граѓаните ќе имаат можност да ја дадат својата проценка и за оваа власт, и за оваа влада, и за нив како партнер во власта.

Н.С.Ј.















