30-ти септември, Денот на референдумот, е раскрсница на која треба да ја зацврстиме нашата држава, имаме многу голема одговорност како народ, рече на вчера одржаната трибина во Охрид, министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
- Овој договор е компромис, тоа што е за нас најважно и тоа што за нив е најважно. Нема попатриотска должност од соочување со проблемот што го имате, да извлечете максимум тргнувајќи од тоа што е најважно, дека сме Македонци, дека сме македонски народ, дека сме успеале да направиме држава во овој дел од Македонија, дека зборуваме македонски јазик, рече Димитров додека зборуваше пред охриѓани.
Како што потенцира Димитров, иднината е во НАТО и ЕУ, со цел стабилна држава, подобар стандард, повеќе работа, поголема плата.
– Албанија и Хрватска влегоа во НАТО во 2008, Хрватска влезе во ЕУ во 2013 година, невработеноста им падна од 20 на 9%, извозот во ЕУ им се зголеми од 9 на 14 милијарди евра, рече Димитров.
Како што истакна Димитров, членството во НАТО има две придобивки, тоа е пораката дека држава е тука да остане во постојните граници, а како второ, за големите странски компании станува многу попредвидливо што ќе се случува, што влијае позитивно врз нивните одлуки за инвестирање.
Димитров додаде дека на 30-ти септември на тест ќе биде и сопствената одговорност за иднината која им се обезбедува на идните генерации во земјава.
OhridNews















