Синдикалната минимална кошница за октомври 2026 година изнесува 70.358 денари, што е зголемување за 926 денари во однос на септември. Само за храна и пијалаци на едно четиричлено семејство му се потребни 26.170 денари, односно 124 денари повеќе од износот на минималната плата, велат од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Додека секојдневно слушаме уверувања дека граѓаните живеат подобро, реалноста на работниците и нивните семејства ја покажуваат бројките. Трошоците за живот продолжуваат да растат, а платите не се доволни ниту за покривање на основните потреби. Според податоците за октомври 2026 година, вредноста на Синдикалната минимална кошница достигна 70.358 денари, наспроти 69.432 денари во септември. Тоа значи дека само за еден месец се потребни дополнителни 926 денари за покривање на минималните месечни потреби на едно четиричлено семејство.Особено загрижувачки е податокот дека трошоците за храна и пијалаци достигнаа 26.170 денари, додека минималната плата изнесува 26.046 денари, посочуваат од ССМ.
Со други зборови, потенцираат, една минимална плата веќе не е доволна ниту за да се купи храната и пијалаците потребни за едно четиричлено семејство во текот на еден месец. А каде се сметките за струја, вода, греење, превоз, облека, лекови и сите останати неопходни трошоци? прашуваат.
Состојбата е уште поалармантна кога ќе се направи споредба со почетокот на годината. Во јануари 2026 година, Синдикалната минимална кошница изнесувала 66.413 денари, од кои 24.211 денари биле потребни за храна и пијалаци. Во октомври, во споредба со јануари, вредноста на кошницата е повисока за 3.945 денари. Овие бројки јасно покажуваат дека товарот на зголемените трошоци за живот директно паѓа врз грбот на работниците и нивните семејства. Една просечна и една минимална плата едвај се доволни за покривање на вредноста на Синдикалната минимална кошница. Тоа значи дека и кога во едно семејство има двајца вработени, од кои едниот прима просечна, а другиот минимална плата, речиси целиот нивен заеднички приход оди за покривање на основните месечни потреби, велат од ССМ.
Платата, додаваат, мора да обезбеди достоинствен живот, а не само преживување од први до први во месецот.
OhridNews












