Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на 43 сесија што се одржува во главниот град на Азербејџан, денеска ја отвори расправата за состојбата на светското културно и природно наследство на Охридскиот региот и предлогот тој да биде ставен на Листата на заштитени подрачја во опасност.

Македонската делегација бара да не се носи таква одлука, односно да добие нов временски рок да се постапи по 19те барања на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2017 година, кои во најголем дел не се исполнети. Конечна одлука не е донесена, а целиот случај ќе се разгледува уште еднаш до петок, во пакет со барањето за ставање под заштита на албанскиот дел од Охридското Езеро.

Делегацијата ги презентира фактите, и разговаравме со сите земји-членки на комитетот. Констатиран е напредокот во реализација на препораките, и очекуваме поддршка за шанса да продолжиме со заштита на Охрид и охридскиот регион.

Едмонд Адеми – Влада на РСМ

Стручната јавност, пак, смета дека во моментов најдобро за Охрид е државната делегација во која е и градоначалникот Георгиески, да побара Охрид да отиде на листата на светски наследства во опасност и помош од експертите од УНЕСКО во справувањето со проблемите. Според неа ставањето на Охрид на оваалиста не значи тргање на заштитата на УНЕСКО туку нејзино зајакнување.

Токму ова е неопходно за да се стопира трендот на деструкција и создадат услови за враќање на поволна состојба на вредностите. Одење на листата не значи губење на статусот, значи дека советодавните експертски тела на УНЕСКО (врвни светски експерти за природа и културно наследство) директно ќе се вклучат во изработка на Посакувана состојба и сет на корективни мерки. Постојат многу примери во светот каде ваквиот потег донел спектакуларни резултати и во речиси безнадежни случаи целосно се вратени исклучителните универзални вредности. 

Александра Бујароска – НВО Фронт 21/42

Реактивната мисија на УНЕСКО во 2017та утврди сериозно загрозување на заштитеното природно и културно наследство во Охридскиот регион и испрати 19 барања за подобрување на состојбите. Од нив целосно се исполнети само три, што според стручњаците, е аргумент повеќе да биде побарана меѓународна експертска помош за зачувување на универзалните вредности на Охрид. Ова дотолку повеќе што во институциите кои се најповикани во случајот седат ист ите луѓе кои не презеле ништо да се спречи уништувањето на Охрид каде, според официјалните податоци, има 1076 дивоградби, од кои над 400 се во заштитените зони.

Треба да се формира посебна екипа, стручна и независна, да не е под влијанија на одредени структури пред се на политиката, за да се бараат политички аспекти на проблемот, а не стручни, ако работевме стручно ова не ќе се случеше.

Димитар Зарчев – Архитект

Охрид е едиствено подрачје во Македонија под заштита на УНЕСКО и само едно од 38 места на планетата кои се под двојна заштита како природно и културно наследство, кое поради неодговорниот однос и негрижа во изминатите три децении е во опасност да ги изгуби уникатните вредности по кои градот е препознатлив во светот.

Г. М.