Страста кон планината, искачувањето на вертикални карпи и љубовта кон недопрената природа, се причини поради кои се имаат создадено планинарството и аплпинизмот како две засебни, но сродни рекреативни професии. Иако повеќето луѓе не ги разграничуваат овие два поими, сепак алпинизмот како дејност претставува еден повисок стандард од планинарството. На еден начин, ова хоби претставува цела филозофија на живеење, чии следбеници ја доживуваат од самите почетоци па се до крајот на животниот век.

Алпинизмот во суштина означува искачуање на карпи, вертикали и мразови. За разлика од планинарството каде се искачуваат повисоките врвови, во алпинизмот големите и долги насоки на вертикалите, претставуваат своевиден успех. Овој тренд кој зема се поголем замаф во светот, е доста атрактивен и кај нас. Последнава деценија градот може да се пофали со ентузијастите од Алпинистичкиот Клуб „Патагонија“. Еден од основачите, а воедно и претседател на овој клуб, Антонио Додевски, уште кон крајот на 90-тите години ги прави првите чекори кон неговата животна пасија.

Патот кон алпинистичката активност ја стекнав преку љубовта кон планината од моето детство. Почетоците датираат од далечната 96-та година, кога без некоја посебна  обука ги искачувавме планините од нашето опркужување. Во тоа време немаше активен планинарски клуб во градот, па така кога заминав на студии во Скопје започна мојата потрага по клуб. Обуката ми беше примарна цел во Алпинистичкиот клуб „Матка“, кој воедно е основоположник на оваа дејност во земјава. Преку едукативен и тренанжен процес стекнав соодветно знаење, совладувајќи ги техниките потребни за искачувањето вертикали.“ – вели Додевски.

По враќањето во Охрид во 2001-та година, Додевски заедно со уште неколку ентузијасти го формираат Спортско планинарското друштво „Магаро“. Уште на почетокот, без некоја поддршка ги адаптираат руинираните бараки на Галичица, означувајќи ја преродбата на овој спорт во Охрид. „Друштвото стана доста активно, во чии рамки функционираа секции за планинарство и алпинизам. Следеа контактите со Црвениот Крст, каде ја реализиравме идеата за формирање служба за спасување на планина. На неколку наврати имавме едногодишни циклуси за обука, а активно се вклучивме во формирањето на Македонската алпинистичка федерација. Со измените на Законот за спорт, се појави потреба од формирање на нов клуб. Така, „Магаро“ ја задржа планинарската форма на организирање, а одделно го формиравме Алпинисктичкиот клуб „Патагонија“.“ – истакнува Додевски.

За еден човек да се стане алпинист, не постојат влезни критериуми и физички предиспозиции. Кон овие активности, можат да се вклучат сите лица кои се здрави и имаат внатрешна потреба да другаруваат со планината. Опремата игра голема улога како неопходен дел од ова  хоби, но примарната цел е љубовта која ги врзува луѓето со природата. „Иако опремата е скапа, желбата е  посилна од се. Обуките опфаќаат регулација на исхраната, темпото и правилното движење. За алпинизмот потребна е стандардна опрема за безбедност, од личен појас, патики за искачување карпи и кацига. Железариите и јажињата се колективни во склоп на нашиот клуб“ – додава Додевски.

Најубавите доживувања според него, се оние кои вклучуваат преноќување под отворено небо. Годишните времиња не играат некоја улога за активностите на овие рекреативци, од причини што луѓето подеднакво ги сакаат летните и зимски услови. Алпинизмот е редок спорт во кој нема натпревар. Единствениот е внатрешен, против “себе”. Секое покомплексно искачување од претходните претставува лично достигнување и задоволство.  „Иако планинарски имам искачено повеќе европски врвови, тоа не игра некаква посебна улога во мојот живот. Мојата пасија е алпинизмот, а секоја карпа си е приказна за себе. Најголем впечаток ми има оставено искачувањето на запдната вертикала од Магаро. Заедно со Димитри Димитров пред неколку години бевме првите кои ја искачија оваа лавинско опасно насока, и тоа во зимски услови. Иако самата насока во алпинистичка смисла нема особена техничка тежина, сепак за мене има посебно значење, не како алпинистичко туку како емотивно достигнување“ – вели Додевски.

За во иднина, конкретната цел на клубот е работа со млади алпинисти и популаризирање на овој спорт. Амбициите на Додевски во моментов се скромни, но неколку локалитети од нашето поднебје се особено интересни за искачување. „Во земјава имаме добри локалитети кои се примамливи за нас. На „Патишка Река“ имаме замрзнати водопади од 100 до 300 метри, но ретки се добрите условите за да ги искачеме. Исто така, постои добар локалитет во Австрија, познат по голем број мразови со различна должина. Центарот е лесно достапен, а цените прикладни. Поради работни обврски како раководител на Екипата за спасување при ЦК-Охрид, не сум во онаа препознатлива форма од пред неколку години. Сепак најголемата желба ми е да имаме што повеќе качувачи, кои еден ден можеби ќе станат светски познати алпинисти.“ – завршува Додевски.

Инаку, во аплинизмот секоја година се доделува светско признание „Златен Цепин“, кој се дава за најкомплексно искачување карпа, вертикала или мраз. Иако многу експерти се сомневаат во објективноста на комисијата која го дава признанието, оваа награда е врвот кој се достигнува во овој спорт.

O.T.