Преговорите меѓу претставниците на четирите партии потписнички на Договорот од Пржино, денеска не дадоа резултати, но договорено е утре да продолжат.

По двочасовни преговори во Клубот на пратеници, претставниците на партиите излегоа без изјави, а само американскиот амбасадор Џес Бејли информираше дека преговорите продолжуваат утре.

Пред почетокот на преговорите Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека опозициската СДСМ постојано одбива предлози, а неговата партија била конструктивна и секогаш давала предлози за конечно решение.

„Се разговара за две работи. Првата е по завршување на изборите да заврши Владата од Пржино и втората, да не може да се прави злоупотреба и масовна партиска чистка во МВР“, изјави Тодоров пред почетокот на преговорите.

Радмила Шекеринска од СДСМ, пак, рече дека ВМРО-ДПМНЕ бега од фер и демократски избори и од Договорот од Пржино.

„Меѓутоа според она што се случуваше во изминативе два месеца и новите барања коишто беа измислени во последните десетина дена, станува јасно дека ВМРО-ДПМНЕ бега од регуларни, фер и демократски избори, бега од Пржинскиот договор, бега од спроведување на сé она што беше ветено и во текот на минатата и во текот на оваа година. Заради тоа им беше потребно да ги менуваат законите коишто се однесуваат на министерот за внатрешни работи  и заради тоа им е потребно да ги проблематизираат сите работи коишто беа затворени уште во 2015-та година“, рече заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска пред почетокот на преговорите.

Артан Груби од ДУИ смета дека разликите се минимални и можат да се надминат, и очекува конечен договор што е можно поскоро.

„Разговорите се одвиваат во конструктивна атмосфера. Разликите се многу минимални и сме блиску до договор. Се надевам дека договор ќе постигнеме денеска или најдоцна утре, а единствената можна дата за избори оваа година е 11 декември“, порача Груби пред да започнат преговорите.

Никој не објасни која беше новата интересна идеја која ја најави вчера амбасадорот Џес Бејли, а се преговара за надлежностите на министерот за внатрешни работи, како и за мандатон на Владата задолжена да спроведе фер и демократски избори.

OhridNews
Извор:„Макфакс“