Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, договориле рамка за компримис за решавање на спорот за името, jaви телевизија Телма. На последната рунда преговори, вчера вечер во Брисел, министрите договориле рамка на која сега, во Атина, работат тимови од двете министерства за надворешни работи.

„Имавме продуктивна средба, имаме рамка што треба да се доработи и на неа во моментов работат правни тимови од двете министерства во Атина. Се планира и важен разговор на премиерско ниво, Заев со Ципрас кон средината на оваа недела, каде се надеваме дека ќе се пресечат некои важни работи од опциите што се во игра“, изјави Димитров.

Министрите за надворешни работи завршија со нивниот дел, преговорите продолжуваат на експертско ниво, а кога ќе завршат и тие, текстовите подготвени од министрите ќе бидат во рацете на премиерите за конечен договор, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас.

„ Денеска и веројатно утре, ќе продолжат преговорите на експертско ниво – она што треба да се реши се техничко – правните прашања. Веднаш штом завршат и тие и штом ќе бидат разјаснети техничките и правните прашања, текстовите подготвени на ниво на министри за надворешни работи ќе им бидат дадени на двајцата премиери, кои ќе разговараат и ќе постигнат конечен договор“, вели шефот на грчката дипломатија.

Коѕијас од Брисел заминува за Берлин, каде ќе се сретне со претседателот Франк Валтер Штајнмаер и министерот за надворешни работи на Германија Хеико Мас.

За сега, ниту македонската ниту грчката страна не откриваат кое е новото договорено име. Грчкиот весник Катимерини објави дека на маса е поставено ново име кое досега не е познато за јавноста, а е поврзано со Крушево и илиденскиот период. Весникот тврди дека дипломатиите на двете земји се договараат за име за севкупна употреба и од свои извори изразува сомнеж дека предлозите на медијаторот Нимиц како Северна, Нова или Горна Македонија не се прифатливи за ерга омнес.

Извор: Тв Телма