Надлежните институции и ЕЛЕМ, како компанија која стопанисува со Охридското Езеро, најитно да преземат мерки за стабилизирање на високото ниво на Охридското Езеро, бараат Еснафот на угостители и жителите од крајезерските населби.

-Ова е проблем на целото крајбрежје на Охридскоот Езеро. Повозрасните жители се загрижени од таквата состојба, бидејќи не паметат кога било вака. Треба да се реагира, водостојот е исклучиво во надлежност на човекот, односно на службите кои стопаснисуваат со езерото. Штетите од високиот водостој се големи и секојдневни, дури и при „мртов бран“ се јавуваат проблеми, куќите се плават, објектите се плават, комплетното крајбрежје трпи последици, подлокани се плажи, целото крајбрежје е видоизменето. – вели Михаил Мишев, претседател на Еснафот на угостители.

Охриѓани велат дека немаат против Езерото да се користи како акумулација за производство на електрична енергија, но тоа никако не смее да биде на штета на граѓаните. Предупредуваат дека високиот водостој негативно се одразува и на сеизмичката стабилност на објектите. 

–Стабилноста на објектите е доведена во прашање поради поткопувањата и високите подземни води. Водата не предизвикува земјотрес, но повлекувањето на водата создава услови за потреси, минатата година имавме серија потреси, годинава поплави, дали е Охрид за туризам или за авантуризам? – прашува Димитар Зарчев, жител на Охрид.

Доколку најитно не се преземат мерки за стабилизирање на високиот водостој, засегнатите граѓани најавија дека ќе поднесат соодветни пријави за да ги заштитат своите интереси.

-Овој апел го испраќаме до сите надлежни, понатаму веројатно е јасно дека можеме да преземеме само правни дејствија коишто би го поткрепиле ова што го кажуваме ние и понатаму тоа е во рацете на повисоки инстанци. – рече Мишев.

-Не само да поднесеме кривична пријава, ова го кажуваме и познато им е на тие кои со закон се задолжени да стопанисуваат со Охридското Езеро, меѓутоа ние не можеме да ги трпиме последиците од некое несовесно или профитерско размислување на некаква компанија независно дали е таа државна или приватна. – додава Зарчев.

Засегнатите граѓани очекуваат помош од локалната самоуправа во справување со последиците од високиот водостој, посочувајќи дека објектите на крајбрежјето биле градени согласно урбанистичките планови. Но во измените три децении на крајбрежјето се изградија и бројни платформи, мостови и разни други доградби во езерските води. Општината најави помош уште во март кога Охрид беше погоден од невреме, прецизирајќи дека надомест на штета нема да има за објектите во и покрај езерото кои незаконски се изградени. 

Г.М.