Холандскиот парк кој оваа пролет беше обновен со саден материјал дониран од Холандската амбасада (околу 600 разновидни садници) и промовиран од холандската амбасадорка Симоне Филипини, а потпомогнат во реализацијата од страна на Општина Охрид и Ј.П.”Охридски Комуналец”, континуирано трпи штети со сушење на засадените садници заради изметот од домашните миленици. Покрај редовното одржување на овој дел од градскиот парк (косење ,
плевење и наводнување) голем дел од садниците се целосно суви, а дел се
во процес на сушење, информираат од јавното комунално претпријатие.


– Стручен тим на Ј.П.”Охридски Комуналец” изврши увид на лице место пришто е констатирано дека процесот на сушење е последица на изметот од домашни миленици кои секојдневно се присутни во овој дел од паркот во голем број, а од страна на нивните сопственици воопшто не се води грижа и не се почитува Законот за јавна чистота.-велат од „Комуналец“.

Од јавното комунално претпријатие посочуваат дека овој парк е симбол на македонско-холандското пријателство, зелено катче кое значи промоција на македонскиот туризам и холандските туристи кои оваа година во огромен број му се вратија на Охрид. Оттаму апелираат надлежните институции да превземат мерки согласно Законот за јавна чистота несовесните сопственици на домашни миленици да бидат санкционирани.


За проблемот Ј.П.”Охридски Комуналец” ги извести Амбасадата на Кралството Холандија, општинскиот инспекторат и МВР-Охрид.

OhridNews