Израдбата на Домот за стари лица е дел од овогодинешната програма за социјална заштита на Општина Охрид, но се уште не се знае дали ќе има доволно средства за истиот да се изгради.

Од општината велат дека од буџетот за 2010 година, за оваа намена се планирани околу 65.000 евра, но овие пари не се доволни. За комплетна реализација на проектот за изграба на ваква установа, се потребни многу поголеми средства, кои ќе треба да се обезбедат од донации. Покрај најавите од Швајцарски донатори, од општината го наведуваат и Министертвото за труд и социјалана политика како можен финансиски реализатор на изградбата.

-Со проектот за изградба на Домот за стари лица имаме аплицирано и во надлежното Министерство, но сеуште немаме добиено одговор дали ќе издвојат средства за оваа реализација.-велат надлежните во Општина Охрид.


Според  урбанистичкиот план, Домот за стари и изнемоштени лица предвидено е да биде изграден во населбата Далјан каде што општината располага со сопствено земјиште. Според првичните планови, тој нема да функционира како болница за геријатрија, туку само како установа за згрижување на стари лица со постојан престој. Освен старите лица од охридско, овој дом ќе им биде достапен и на старите лицата од целиот Југозападен регион.

Потребата од изградба на Дом за стари лица неколку пати ја актуелизираше и Здружението на пензионерите од Охрид. Тие сматаат дека ваква уставова, му е многу неопходна на градот.

Е.Е.