Ротари Клубот од Охрид, денеска, донира компјутерска опрема за основното училиште „Христо Узунов“, наменета за децата со посебни образовни потреби кои се во редовна настава во училиштето. Компјутерската опрема се состои од технички средства во вид на лап топ, фотокопир, печатар, ламирка и останати потрошни материјали кои ќе послужат за задоволувањето на посебните образовни потреби на учениците кои се дел од училиштето.

Од Ротари клубот нагласуваат дека донацијата се реализира по извршена консултација со управата и стручното лице–дефектолог кое секојдневно работи со децата кои имаат посебни образовни потреби.

  • Донирана е опремата од која што училиштето имаше потреба и која е наменета и посебно прилагодена токму за овие деца, се со цел да може да придонесе во нивното полесно и побрзо совладување на образовниот материјал. Благодарни и сме на директорката на училиштето и дефектологот, како и целиот наставен и технички кадар кои ни овозможија да дадеме еден скромен придонес во нивната институција, а воедно со ова сакаме да ја покренеме колективната свест на нашето општество и да стимулираме конкретни активности кон конкретни ранливи групи на кои и најмалото внимание им е од огромно значење во остварувањето на нивните секојдневни потреби, велат од Ротари клуб Охрид.

Од ОУ „Христо Узунов“ упатуваат благодарност за искажаната поддршка од Ротари клубот.

  • Изразуваме јавна благодарност до Ротари клубот за искажаната соработка и истовремено упатуваме јавен повик до сите заинтересирани и хумани луѓе,организации и институции за помош на училиштето во однос на различна проблематика, изјави директоркат ана училиштето, Оливија Пирузева Јанева.

Оваа донација е трета во низата на донации од годишната програма на Ротари Клубот Охрид која е посветена на помагање на институции и организации кои работат со деца со посебни интелектуални, физички и образовни потреби во нашиот град и околината.

OhridNews