„Довербата која ја добив од партијата за мене е поттик и можност заеднички да работиме, потпирајќи се на принципите на чесност, посветеност и одговорност“, рече новиот претседател на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ Охрид, Сашо Донев, на денешната прва прес конференција по неговиот избор за прв човек на општинскиот комитет.
– Членовите и симпатизерите на нашата партија веќе знаат дека заедно го започнавме процесот на внатрешна консолидација и обединување на сите структури. Тоа мора да се почувствува и во месните комитети за да донесе освежување и зајакнување на партиското јадро. Во таа насока ќе се продолжи и во периодот кој следува. Избран е новиот состав на Општинскиот комитет, а во тек е повикот за членови на партиските комисии, рече Донев. Тој нагласи дека тимот во наредниот период ќе ги слушне потребите и проблемите на граѓаните, како и мислењата и предлозите на секој граѓанин од Општината.
Како што додаде, добредојдени ќе бидат и критиките за евентуалните пропусти од минатото со што ќе се извлече поука за истите да не се повторат.
– Во новиот тим има луѓе кои се компетентни во секој момент остро да се спротивстават на оваа ненародна власт која е најголемата несреќа која можеше да и се случи на Македонија. Во идниот период ќе бидеме меѓу народот обединети околу идејата за силен и просперитетен Охрид заеднички ќе го трасираме патот на новите големи изборни победи. Поминува нешто повеќе од половина година откако СДСМ ја има целокупната власт во Охрид, а ветениот живот за граѓаните на Охрид никако да дојде. Колку побрзо оваа политичка гарнитура предводена од СДСМ си замине од власт толку побрзо ќе се врати просперитетот и општиот напредок на Охрид и Македонија. 2 јуни е денот кога ќе започне Вашето заминување од власт!, рече Донев.
Тој им порача на граѓаните да извршат споредба на она што е направено од страна на ВМРО-ДПМНЕ и она од страна на СДСМ во минатото и да изберат за оние кои се залагале за подобар Охрид. Донев рече дека вратите на ВМРО-ДПМНЕ, ОК Охрид се отворени ширум за сите коишто се чувствуваат подготвени своето професионално знаење да го стават во функција на напредокот на Охрид и Македонија.
OhridNews











