Дополнителни 3.000 денари за хектар или околу еден денар за килограм пченица ќе добијат земјоделците кои обработуваат до 10 хектари површина, соопшти вчера ресорниот министер Михаил Цветков.

Поддршката се воведува за да им се помогне на малите фармери кои имаат најголеми производни трошоци, но и за да се постигне повисока откупна цена, до 12 денари за килограм.

– Според проценките, дополнителни 3.000 денари треба да добијат 22.600 земјоделци или 90 отсто од вкупниот број производители на лебно жито. Целта е да им помогнеме и натаму да произведуваат пченица зашто оваа култура за нас е стратегиска, истакна Цветков.

Од засеаните 95.000 хектари со пченица годинава, досега се ожнеани 93.000. Просечниот принос е 3,5 тони на хектар, а се очекува производство од 330.000 тони. Откупени се 87.000 тони по просечна цена од 11 денари за килограм. До крајот на годината се очекува откуп на 110.000 тони или 80 проценти од родот.

Како што истакна Цветков, квалитетот на реколтата е просечен.Земјоделците за пченицата добиваат субвенции од 9.000 денари за хектар и уште 3.000 доколку користат сертифицирано семе.

OhridNews