Обилните врнежи од дожд што денеска го зафатија охридскиот регион дополнително го зголемија водостојот на реките и Охридското Езеро кое подолг период е дваесетина сантиметри над максималната кота која се наоѓа на 693,75 метри надморска височина. Висок водостој бележи и реката Грашница, која се заканува да се излее и да поплави повеќе индивидуални куќи и плодно земјиште во населбите Воска и Лескајца.


Со изградбата на каналот на ул. „Ариф Мустафа“ превентивно се заштитија голем број домаќинства кои при секој обилен дожд во минатото беа погодени од поплави што ги предизвикуваше реката Грашница. Но, остана проблемот во подолниот дел од течението на оваа река источно од мостот на бул.„Туристичка“.


Водата не може да ја прими ниту канализационата мрежа, па така на многу места има прелевање на шахтите. Од една таква со денови блика вода, токму на најкритичното место каде Грашница може да се излее доколку продолжат обилните врнежи.


Во прилог на ионака неповолната хидролошка состојба не оди ниту временската прогноза. Според најавите на Управата за хидрометеоролошки работи, во среда не очекува променливо облачно и нестабилно време, локално со пороен дожд, грмежи, засилен ветер, како и услов за изолирана појава на невреме со град.

OhridNews