Кривичниот совет, предводен од судијата Милка Танеска, му одреди казна доживотен затвор на Лазе Радески, кој беше прогласен за виновен по сите точки од обвинението кое го товареше за тројно убиство.


Во образложението на пресудата претседателот на Кривичниот совет, судијата Милка Танеска, истакна дека Радески на подмолен и свиреп начин на 26 мај 2006 година го лишил од живот Раим Ракип, на 8 февруари 2007 Спиро Ставрески и на 12 април минатата година Трајче Цоцески. Сите биле убиени на идентичен начин од Лазе Радески кој откако ќе ги намамел да влезат во продавницата “Грини“ во која работел, ги усмртувал со повеќе удари од чекан.


– Со таквите дејствија, обвинетиот сторил кривично дело „убиство“, согласно член 123 ст.3 в.в. ст.2.1 од Кривичниот закон, како и одредбите од членовите 7,11,19,32,33,34,35 и 39 од КЗ и чл. 95 и 98 од Законот за кривична постапка. Обвинетиот се осудува на казна доживотен затвор, во која се засметува и времето минато во притвор сметано од 17 април 2008 година, рече Танеска.


На соопштувањето на пресудата присуствуваа членови на семејствата на убиените. Минавер Ракип, сопруга на убиениот Раим Ракип, изјави дека изречената казна е соодветна на извршеното дело, но не беше задоволна од одлуката на Судот кој ги упати семејствата на убиените, оштетните побарувања да ги остварат во друга постапка. Истата забелешка ја упати и нејзиниот правен застапник, Драган Коровешоски. Тој изрази надеж и дека случајот нема да се затвори и дека полицијата ќе ги истражи наводите на одбраната на осудениот дека Радески не ги извршил сам убиствата. 


Адвокатот на одбраната, Емил Балабан, кој во текот на судењето имаше бројни забелешки на доказната постапка, најави обжалување на изречената пресуда.


Доживотен затвор за Лазе Радески

Лазе Радески кој не присуствуваше на соопштувањето на пресудата до правосилноста на истата ќе остане во притвор. Судскиот процес против него беше следен со големо внимание во јавноста поради тоа што Лазе Радески се смета за првиот сериски убиец во Македонија, но и на Балканот.

Ohridnews
фото: Васко Бујароски