Извори тврдат дека киднаперите го возеле во автомобил и барале откуп од 20.000 евра. Се сомнева дека киднаперите се странски државјани, пренесуваaт српските медиуми.
Според истрагата, двајца вооружени турски државјани го пресретнале пејачот, го натерале да влезе во автомобил со закана со смрт и се обиделе да изнудат огромна сума пари.
Драмата започнала во доцните вечерни часови во близина на популарната „Бетон хала“. Штом Кајмакоски се приближил до своето возило, двајца мажи му впериле пиштол во главата и му наредиле да влезе во автомобилот. Под постојана закана со оружје, напаѓачите го врзале пејачот и се упатиле кон излезот од градот. По пат, тие упатувале застрашувачки закани, барајќи веднаш да им плати 20.000 евра во замена за сопствениот живот, пренесува „Телеграф“.
Полицијата набрзо добила дојава за сомнително движење на возило, по што почнала филмска бркотница која кулминирала на автопатот кај Рума. Киднаперите нагло забрзале, изгубиле контрола врз автомобилот и со голема брзина удриле во заштитна ограда покрај автопатот, при што возилото целосно било уништено.
Во општиот хаос по несреќата, двајцата турски државјани успеале да се извлечат од остатоците од возилото и да избегаат пеш во блиската шума, искористувајќи ја темницата и огромниот терен.
Даниел Кајмакоски моментално е на безбедно место, а истрагата треба да утврди дали пејачот бил случајна цел или напаѓачите го планирале овој брутален чин, пишува „Телеграф“.
Идентитетот на напаѓачите е познат на полицијата – станува збор за двајца турски државјани по кои се трага. Се сомнева дека се вооружени и многу опасни. Српската полиција ги блокирала сите клучни патишта во Срем, а во операцијата се вклучени кучиња трагачи и беспилотни летала.
Даниел Кајмакоски и е познат на публиката во регионот како победник на музичкиот натпревар „X Factor Adria“ во 2014 година, а следната година ја преставуваше Македонија на Евровизија.
OhridNews
Извор: „Блиц“/„Телеграф“














