Поднесен е Обвинителен акт против четири македонски државјани и едно лице со македонско и албанско државјанство. Осомничени се дека сториле кривично дело–Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции, а едно од лицата е обвинето и за кривично дело–Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.

фото: архива

Обвинетите со намера неовластено да вршат продажба на наркотична дрога–марихуана и кокаин преземале дејствија на неовластено купување, држење заради продажба, пренесување и организирање на продажба на наркотичната дрога. Наркотичната дрога марихуана во количина од 20.882,8 грама била набавена од непознати лица од Република Албанија за 3.500 евра. Лицата согласно договорот, ја пренеле дрогата спакувана во две вреќи на територијата на Република Македонија во околината на Струга од каде требало да се превезе до Скопје. Кај планинскиот превој „Стража“ на бензинската пумпа „Лукоил“, при претрес на возилото во кое се пренесувала, дрогата била пронајдена од страна на полициските службеници, а при личен претрес на еден од осомничените се пронајдени и 0,43 грама кокаин. Воедно, при претрес на дом на осомничен, биле пронајдени предмети со остатоци и траги од наркотична дрога кокаин, како и 22,27 грама кокаин, кеси со марихуана, 49,79 грама психотропна супстанца амфетамин, 10 таблети со лого „S“ кои претставуваат 3,4 наркотична дрога психотропна супстанција метилен диоксиметамфетин, 24,66 грама наркотична дрога психотропна супстанција фенитилин и 45 куршуми.

Во текот на истражната постапка одбраната на осомничените понуди предлог за спогодување со обвинителството. Надлежниот обвинител кој постапува во предметот имајќи го предвид кривичното дело што им се става на товар на обвинетите, како и фактот дека тројца од нив се веќе осудувани за истото дело, а првообвинетиот е на издржување на казна затвор во траење од 11 години за истото кривично дело, го одби предлогот на одбраната.

Со обвинителниот акт доставен е и посебен предлог за продолжување на мерката притвор за останатите четири лица.

OhridNews