Трите стари чинари во Охрид  кои поради сериозните оштетувања можат да паднат при најмало невреме, според Министерството за животна средина треба да ги санира јавното претпријатие „Охридски комуналец“.

На ургентното барање упатено од страна на општината пред неколку месеци дека е неопходна итна интервенеција, од министерството информираат дека одговориле со препораки кои мерки да бидат преземени за заштита на чинарите. На јавното комунално претпријатие му се предлага да ангажира стручен тим за проценка на штетите, да ги отстрани оштетените делови, како и да изврши премачкување на стеблата со специјално заштитно средство и нивно статичко зајакнување.


Од Комуналец велат дека немаат ниту надлежност ниту капацитет да извршат санација на чинарите, посочувајќи дека лошата состојба во која тие сега се наоѓаат е последица на нестручно извршена заштита од страна на државата.

-Ме зачудува фактот што сега Министерството за животна средина ја префрла одговорноста на Локалната самоуправа односно на ЈП „Охридски комуналец“ за одржување на чинарите кои знаеме дека се заштитени со посебни закони и уредби. Ниту во дејноста ни е предвидена таква активност, нуту „Комуналец“ има стручни екипи за заштита на такви видови дрва, изјави директорот на јавното комунално претпријатие, Сашо Алчев.


Во најлоша состојба е стариот чинар на плоштадот „Крушевска република“ за кој легендата вели дека го засадил Св. Климент, заштитникот на Охрид. Поради значењето во 1967 година овој чинар е прогласен за споменик на природата заштитен со закон. Во 2002 дојде до сериозни оштетувања на чинарот, а во невремето што го зафати Охрид во 2006 година се скрши една од големите гранки. Врз чинарот беше извршена санација која не дава резултати, бидејќи истата според стручните лица е изведена со материјал кој се употребува во градежништвото.

Стручњаците сметаат дека за спас на најпознатиот охридски Чинар е потребно да се побара помош од специјализирани институции во странство. Како најсоодветно решение уште пред повеќе години беше предложено  да се засади ново здраво стебло во шуплината на стариот чинар. Според експертите  карактеристиките на чинарот дозволуваат паралелно да растат двете стебла со што ќе се продолжи животот на оваа природна вредност.


Итна интервенција му е потребна и на Чинарот во населбата Воска од кој е останата само една гранка која поради оштетувања и тежината може секој момент да се скрши. Сериозна опасност претставува и Чинарот во населбата Кошишта кај кој е забележана појава на сушење на крошната и гранките и може да дојде до нивно кршење, со што е загрозена безбедноста на жителите од зградата која се наоѓа во непосредна близина, но и на  минувачите.

Горан Момироски