Од 1 јануари, 2020 година се очекува да започне нов процес на децентрализацијата на локалната власт во земјата, што треба да обезбеди поголема финансиска стабилност на единиците на локалната самоуправа и етапно пренесување на надлежности од централно на локално ниво, во областите каде ќе биде оценето дека е тоа можно и потребно.

Ова беше заклучено  на средбата што Управниот одбор на ЗЕЛС ја реализираше со премиерот Зоран Заев изминатиот викенд на брегот на Охридското Езеро. Договорена е временската рамка и динамика за реализацијата на обврските. Ќе се формира и малa оперативнa групa со претставници од двете страни, кои до крајот на јули ќе работат на темите за промени во процесот на децентрализацијата, со цел иницирање на  законски измени.

Во делот на обезбедување на поголема финансиска независност на единиците на локална власт клучни се барањата за зголемување на зафаќањето од ДДВ за најмалку 10% (сега е 4,5%) во полза на општините; зафаќање од 50% од персоналниот данок на добивка( сега е 3%) зголемување на висината на сите блок дотации; зафаќање од данокот на добивка на игрите на среќа и друго, бара ЗЕЛС.

Сакаме финансиска стабилизација за досега преземените надлежности. Потребно ни е да го стабилизираме финансиското работење на нашите институции, а доколку добиеме соодветни финансиски средства спремни сме да преземеме и нови надлежности. –  истакна претседателот на ЗЕЛС, кој во своето излагање ги презентираше и другите предизвици со кои се соочуваат општините.

Тој посочи на предизвиците во противпожарната заштита, во процесот на легализација на дивоградбите, потоа за потребата од скратување на роковите за донесување на планска документација, поддршката на руралните општини, концентрацијата на капиталните инвестиции, недостатокот на одредени професионални кадри во општинската администрација како урбанисти, архитекти, информатичари и слично.

Владата е подготвена час поскоро да пренесе нови надлежности од централно на локално ниво, најави премиерот Заев. Со префрлените 51 милион евра за покривање на долговите на општините покажавме како Влада дека сме фокусирани да обезбедиме функционални локални заедници, додаде тој.

Средствата што се предвидени од централно ниво за патишта и за водоводи, дополнително ќе им олеснат на општините, средствата од нивните буџети за овие намени, да ги насочат кон други потреби. Општините можат да помогнат многу во економскиот развој. Потребна е креативност во обезбедувањето средства преку проекти и рационалност каде што е можно. А интеграциите на нашата држава и отворањето на преговорите со ЕУ ќе значат и достапност на европски фондови и повеќе пари и за инфраструктурата, за животната средина, за проекти во социјалната сфера, образованието, културата. Владата подава рака за вистинска функционална децентрализација, потребно е пофункционално и попосветено решавање на работите. – им порача на градоначалниците премиерот Заев.

Премиерот подвлече дека од исклучителна важност е секоја локална власт да ги јакне сопствените административни капацитети за да може ефикасно да го понесе „товарот“ на најавените промени во процесот на децентрализација. На средбата беше потенцирана и потребата локалните власти да се поконцентрирани во собирањето на сопствените приходи, особено на данокот на имот, обезбедувањето на негова комплетна база и репроценка на даночната основица.

OhridNews