44 Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура во целост ги оправда очекувањата и на организаторот и на учесниците, смета директорот на оваа угледна научна институција, Максим Каранфиловски, кој е задоволен од постигнатите резултати на учесниците.

– Се гледа дека тие напредуваат во своите знаења, особено се чувствува тоа кај почетниците кои почнуваат да прозборуваат, значи оние кои не знаеле ништо почнуваат да  комуницираат. Се разбира дека не треба да се очекуваат чуда затоа што за 10 дена не може да се научи јазик, но затоа треба да дојдат и друг пат, вели Каранфиловски.

Годинава летната македонистичка школа во Охрид ја посетија 112 учесници, што е солидна бројка, смета Каранфиловски, според кого Семинарот има и капацитет и побарување за зголемување на бројот на учесници, што исклучиво зависи од финансиските средства. Тој е задоволен од поддршката на државата, но смета дека таа треба повеќе да инвестира во Семинарот, доколку Македонија сака на светот да му ја пласира сопствената вистина.

– Можеби не сме успеале докрај на надлежните фактори да ги убедиме колку е значајна оваа манифестација и колку е потребно  дополнително да се финансира бидејќи ефектите од неа се чувствуваат многу подоцна. Таа не може да се гледа од профитабилен аспект, не можете од студентот да очекувате веднаш да ви донесе нешто, меѓутоа тие луѓе во иднина го даваат својот резултат, тие ја шират вистината за македонската култура, историја, за  јазикот, литературата во своите средини и тоа е многу важно за да се пласира нашата вистина во светот, додава професорот Каранфиловски.

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура завршува денеска по што ќе започне 38-та Научна конференција, на која главни теми се 90 годишнината од творештвото на   Блаже Конески, 150 години од издавањето на зборникот на Браќата Миладиновци, а осврт ќе биде направен и на делата на Коле Чашуле, Петре Андреески и Гане Тодороски. Годинава меѓународен состав на рецензенти ќе  подготви зборник на научни трудови на околу 400 страници, а се планира и проширување на активностите.

– Планираме во иднина да организираме македонистички конгрес како дополнение на меѓународната конференција, која се одржува секоја година, а конгресот би се одржувал на 4-5 години, како ќе се реши, со што сакам да кажам дека домашните и странските македонисти може и во овој поглед да даде уште повеќе, истакна Каранфиловски.

На Меѓународниот  семинар за македонски јазик , литература и култура, до сега минале над 3000 учесници, меѓу кои еминентни научни имиња, кои денес се големи амбасадори на Македонија во светот. Организаторот очекува  семинарот да се развива и расте и во иднина, со што Македонија ќе го зголеми влијанието во научната јавност  која го креира светогледот.

Г. Момироски