Демократската унија за интеграција и СДСМ ги усогласија измените на законот за употреба на албаснкиот јазик, откако во среда Централното претседателство на ДУИ ги разгледа и ги прифати предложите од работната група на СДСМ. Сепак, како што велат од партијата, некои делови се недоречени и на нив ќе се работи во следните денови. Не се открива што точно значи усогласување на решениејата околу употребата на албанскиот јазик во Македонија, но тврдат дека се е во рамки на Уставот, а се овозможува одредена поширока употреба на јазикот, пренесува „Макфакс“.

По седумчасовниот состанок на Централното претседателство на ДУИ во Мала Речица, не се донесе конечна одлука ДУИ да му ги даде потребните потписи на Зоран Заев за да обезбеди мнозинство во Парламентот, услов поставен од претседателот Ѓорге Иванов, за да го додели мандатот повторно, откако првиот мандатар Никола Груевски, не успеа да состави Влада, во законски определениот рок, по одржаните предвремени парламентарни избори во декември лани.

Централното претседателство на ДУИ го овластило Али Ахмети како лидер на партијата да има мандат во секој момент да донесе одлука за потписите на пратениците на ДУИ за поддршка на Зоран Заев да го земе мандатот од Иванов.

Од ДУИ најавија дека по маратонскиот состанок на Централното претседателство во среда, во четврток ќе одмараат, а во петок повторно ќе се состанат. Но, појаснуваат дека можно е и тој состанок да се одолжи на неколку дена додека не се донесе конечната одлука.

Извори од ДУИ посочуваат дека освен за јазикот, партијата ги има прифатено и решенијата за економска рамноправност на општините, односно рамномерно распределување на средствата од Буџетот, за рамномерен регионален економски развој.

Откако Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ не успеа да состави влада во законски предвидениот рок откако му беше доделен мандатот, сите лидери на парламентарни партии беа на средба кај Претседателот Ѓорге Иванов, кој пак за да го додели мандатот повторно побара да му се достави список со потписи на најмалку 61 пратеник, или просто парламентарно мнозинство. Од тогаш никој не успеа да го обезбеди тоа, иако Зоран Заев очекува мандатот да му го додели него и во јавноста се проширија информации дека има и повеќе од потребните потписи.

На предвремените парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ освои 51 мандат, СДСМ 49, ДУИ 10, БЕСА 5, Алијанса на Албанците 3 и ДПА 2 мандати.

OhridNews