Струшката јавност стравува дека Нацрт ДУП за крајбрежјето што неодамна доби зелено светло во Советот на општина Струга, е вовед  во уништување на најатрактивното земјиште во центарот на градот, каде со децении постојат некомерцијални објекти. Планот предизвика реакции и од политичките партии, особено околу последиците од неговото  изгласувањето за што според Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ одговорни се Локалната самоуправа и СДСМ кои го поддржале проект со кој, како што велат, ќе се уништи автентичноста на Струга и сериозно ќе се наруши еко системот. Оттаму најавуваат дека ќе го обжалат Нацрт ДУП за крајбрежјето.

-Во периодот кој ќе следи ќе ги преземеме сите институционални мерки, ќе поднесеме забелешки и претставки до надлежните институции со цел соодветна реакција и стопирање на овој штетен план, изјави Перо Петкоски, претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ – Струга.


Оспоруваниот план го поддржаа советници на СДСМ од кои партијата денеска јавно се огради, поради што досегашниот координатор на советничката група и претседател на општинската организација Александар Попоски се повлече од функцијата.

-На експресното барање на централата во Скопје и инсистирање на членството на локалната партиска организација во Струга, тој ја прифати целата политичка одговорност за својата погрешна одлука, рече Наташа Пинтоска Беќироска од ОО СДСМ Струга.


Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, вели дека нема потреба од политизирање на проблемот, објаснувајќи дека Нацрт ДУП општината го донела на барање на Министерството за транспорт и врски и дека тој е изготвен согласно законот и ГУП. Истиот, како што појасни Мерко бил оспорен од Министерството за животна средина поради нарушување на крајбрежниот појас каде во длабочибна од 50 метри е забранета секаква градба, а проблем претставува и магистралата која поминуваа низ заштитената зона.


Мерко укажува дека предложената не е конечна верзија на планот и уверува дека во него ќе бидат вградени сите забелешки на граѓаните и засегнатите субјекти.

-Анкетата сигурно ќе го даде крајното мислење и доколку има многу забелешки може овој план да го повлечеме и да побараме нови решенија, рече Мерко.


И додека Мерко смирува, струшките спортисти стравуваат дека доколку се реализира предложениот план ќе се уништат спортските терени кои со децении постојат на овој простор, а загрозен е и стадионот на ФК Караорман каде е предвидено да се гради хотел.

-Ако е целта да се гради  хотел за приватни цели, а да се уништи клуб со 90 годишна традиција мислам дека тоа е тотална глупост затоа што градот  има доволно хотели, на градот му треба инфраструктура, истакна Лазо Липоски од ФК Караорман.


Засегнатите страни најавија дека ќе го обжалат ДУП за крајбрежјето, а жалба најави и локалната самоуправа која бара Министерството за животна средина да ја намали зоната на заштита од 50 на 30 метри за да може на брегот да се градат комерцијални објекти кои според неа ќе придонесат за равој на туризмот во градот. Градоначалникот Мерко не ја исклучува и можноста од промени во Генералниот урбанистички план со кои ќе се овозможат услови за реализација на ДУП за крајбрежјето кој предизвика сериозни полемики во јавноста.

Горан Момироски