Двајца педијатри од скопската Клиника за детски болести ќе бидат пратени на детското одделение во Охрид кое моментално работи со скратено работно време поради недостиг од педијатри. Распоредот на ротација ќе се направи откако ќе се изгласа измената на Законот за здравствена заштита со кој се овозможува лекарите од сите установи да работат насекаде низ државата, информираше Министерот за здравство Венко Филипче. Како што вели, оваа законска измена ќе овозможи дисперзирање различни специјалности, воедно дополнителна заработка за лекарите и медицинските сестри, а граѓаните ќе ја имаат услугата поблиску до местото на живеење.
Со таков дефицит на специјалисти од одредена специјалност се соочуваме на повеќе места во државата и затоа интервенираме тука во Охрид со тоа што двајца педијатри ќе бидат пратени во следниот период од скопската Клиника за детски болести и ќе бидат континуирано присутни. Тој систем на ротација ќе го задржиме додека не најдеме некое друго трајно решение. Едно од можните решенија е во веќе предложената измена на Законот за здравствена заштита со што овозможуваме, било кој лекар од било која јавна или приватна здравствена установа да може да дежура во друга здравствена установа, со цел да се овозможи потребната служба во еден дел од денот. Овој систем на ротација нема да важи само за педијатрите, ќе важи за сите други специјалисти, рече Филипче при вчерашната посета на специјализираната болница за трауматологија и ортопедија „Св. Еразмо“.
Измените на Законот за здравствена заштита предизвикаа лавина реакции кај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, дека истите отвораат можност за приватизација на Итната медицинска помош. Левица до Комисијата за здравство поднесоа 1200 амандмани. По недоумиците кои се јавија во јавноста во делот на Итната медицинска помош , Филипче информираше дека е закажана јавна расправа за Законот за здравствена заштита.
Во текот на изминатите денови објаснивме дека не станува збор за приватизирање на Итната медицинска помош, станува збор само за законско регулирање на тоа што веќе се случува, а тоа е дека возилата од итната медицинска помош од приватните здравствени установи едноставно се стават во законска рамка. Целокупниот друг систем останува ист, Итната помош останува во јавното здравство, дециден е Филипче.
K.A.













