Во организација на движењето „За Заедничка Македонија“, по дванаесетти пат во Охрид се одржа протестен марш на граѓаните.
Како и досега, протестот започна од плоштадот кај поранешен мини маркет, по што учесниците продефилираа по улицата „Димитар Влахов“, булеварот “Македонски Просветители“, од каде низ чаршијата се упатија на градскиот плоштад каде имаше обраќања на активисти на движењето „За Заедничка Македонија“.
Движењето „За Заедничка Македонија“ и учесниците на протестот се противат на платформата на политичките партии на Албанците со која, според нив, се предвидува воведување двојазичност на територијата на целата држава и други законски измени кои го загрозуваат унитарниот карактер на државата и претставуваат вовед во федерализација на земјата.
-Коските на моите предци се вградени во темелите на Македонија како илинденци и членови на четата на Дејан Војвода. Им порачувам на домашните предавници да не плукаат по коските на моите предци илинденци и да не играат опасна игра, а европратениците да ги тргнат рацете од Македонија. Германија нека им даде на десетината милиони Турци кои живеат таму службен јазик а Франција на арапите кои исто така ги има во голем број во таа земја, па да ни ги кажат искуствата. – рече Кирил Јосифоски.
-Достоинствено стоиме на браникот на татковината за унитарна и суверена Република Македонија. Не е вистина дека претседателот на ВМРО ДПМНЕ ги повикува граѓаните на протест, гневот ги собира овие граѓани во одбрана од петоколонашите кои за жал ги имаме и денес. Не треба да се соработува со лица како Зиадин Села кој го негеира македонскиот идентитет, македонското знаме и симболи и со лица кои физички се во Македонија, а со умот во голема Албанија. – рече Илија Рапешоски, професор.
-Ова е дванаесетти протест и продолжуваме се додека не биде отфрлена платформата на Албанците. Нека не ве залажуват изјавите на господинот Заев дека не се прифатени дел од барањата во платформата, затоа остануваме тука, бидејќи за Македонија се работи. – истакна Александра Секулоска, учесник на протестот.
-До кога овој народ ќе се малтретира. Или избори или одбивање на платформата. Не може Заев сам да решава за иднината на оваа земја, тој е предавник и така ќе заврши. – рече Добре Давиткоски.
Протести денеска има во повеќе градови.
OhridNews













