Одгледувањето и чување на украсни птици зема се поголем замав во Македонија, ако се земе предвид фактот дека неколкуте годишни изложби ширум земјава го привлекуваат вниманието не само кај македонската јавноста, туку и кај љубителите на животните од соседните земји.

Веќе 20-тина години охриѓанецот Тане Србиноски се занимава со ова необично хоби, а неговите вредни животински експонати составени од украсни структурни гулаби, „егзоти“ и папагали, неколкупати годишно ги изложува низ градовите во Македонија. Зад неговото богато портфолио се кријат бројни награди, признанија, а во 2011-та е прогласен за најдобар одгледувач на годината.

Уште кога бев мал, се роди таа љубов кон птиците, бидејќи мојот покоен татко беше голем љубител на гулабите. Имаше период на стагнација, но потоа повторно се насочив кон папагалите, егзотите и сите тие украсно структурни гулаби, кои почнав да ги чувам за промоција и изложби. Активен член сум на тетовското друштво „Дијамантски петел“, со оглед на тоа што во Охрид не постои клуб од ваков тип. Имам учествувано на бројни изложби, почнувајќи од 2008-ма година во Прилеп, па се до Тетово и Скопје. Наградата од 2011-та година ми беше мотив плус за понатамошното залагање во оваа сфера.“ – вели охриѓанецот Тане Србиноски.

Од домашните автохтони раси најчесто се одлгледуваат македонската масарка или позната како македонски ружан, македонскиот донек и шарпланинскиот пејач. Како што објаснува Србиноски, тој во мометнов настојува официјално да ја регистира новата врста  гулаби, наречена „Охридска гаќеста ластовица“.

Секој одгледува птици по свој вкус. Во земјава се настојува да се зачува македонската масарка, а постојат информации кои велат дека некој од соседите имаат желба да ја регистрираат оваа раса како своја. Донекот е такмичарски гулаб, вртач или ролер. Тука е и шарпланинскиот пејач застапен во полошкиот регион. Интересен примерок, кој припаѓа во групата на живина, односно кокошки. Се работи за петел, кој пее во просек по 40-тина секунди без престан. Од друга страна, веќе 7 години работам на врста гулаби, мешавина од повеќе видови. Елегантни со широки гаќи, тенки, со интересен лет и претежно украсни како ластовичка. По тоа се наречени како Охридска гаќеста ластовица. Се надевам дека во догледно време ќе успеам да ги регистрирам како засебна врста на гулаби.“ – објаснува Србиноски.

Во различни периоди од годината, во Скопје, Тетово и Прилеп се оддржуваат изложбени натпревари, а на последната тетовска изложба оддржана минатиот викенд, претставени беа патулеста и крупна живина, фазани, пепагали, егзотични и автохтони птици.

Во Прилеп, изложбите се прават околу празникот 11-ти Октомври, а во Тетово првиот викенд од ноември. Има уште една изложба во Скопје, која се организира зависно од периодот. Тука се и пролетните изложби, кои се случуваат од март до април, како едно дополнување на она што ни недостига за понатамошен развој во ова хоби. Исто така, под покровителство на тетовското друштво „Дијамантски петел“, ваков настан се организира во Брвеница. На последната ваква манифестација оддржана минатиот викенд, имаше што да се види. За прв пат имавме конкуренција од 108 примероци на автохтоната масарка, нешто што е за поздравување. Имаше доста експонати, а можам да се пофалам дека во категоријата специјалка македонска масарка, јас  и Тони Симоноски од Куманово го поделивме првото место. Активен е и мојот син, кој во Тетово зеде диплома за новитет, бидејќи пред присутните се претстави со врстата гулаби „старонемачкиот галебиќ“. Наградата за севкупен победник отпатува во Скопје, кај Бобан Иваноски. Како и да е, сите учесници беа наградени, се стекнаа со одлики и дипломи, а најмлад учесник беше младата Мери Јованоска која изненади со своите папагали.“ – додава Србиноски.

Покрај домашните изложби, членовите на македонските здруженија имаат посетено повеќе настани и вон границите на земјава.

Во јануари, 10-члена делегација од тетовското друштво беше во посета на Сомбор, Србија. Се работи за поголема изложба на ниво на Европа, втора по онаа во Лајпциг, Германија. Доаѓаат претставници од земјите на поранешна Југославија, потоа Австрија, Унгарија, Романија, Бугарија и други. На самиот настан изложени беа 3500 примероци на живи експонати, а на берзата се тргуваше со околу 20 000 птици. Запознавме многу лица, разменавме контакти и стекнавме искуство кое секако е во наша полза.“ – вели Србиноски.

Но македонските љубители на украсни птици се соочуваат со проблеми, доколку сакаат да внесат или изнесат живина во или вон границите на земјава.

Не можеме да учествуваме на изложбите во странство со свои експонати, бидејќи и покрај тоа што поседуваме уредни документи, птиците не можат да бидат внесени или изнесени од земјава. Нашиот интерес не е да тргуваме, туку како регистрирани членови на друштво да можеме барем да понесеме примерок, кој сме го виделе во другите земји и ни оставил впечаток.“ – додава Србиноски.

За во идниот период, се очекува трите македонски здруженија за украсни птици да профункционираат под капата на Сојузот, кој се очекува да биде формиран до почетокот на 2014-та година.

До крајот на оваа година, се надеваме дека сите тие правни работи ќе бидат завршени и ќе можеме конечно да добиеме Сојуз, преку кој ќе стекнеме поголема афирмација во странство. Моите лични планови за во иднина се подготовка на матичните јата, кои напролет треба да дадат свој подмладок. Исто така, би бил пресреќен доколку Охрид некогаш добие свое локално здружение со ваква намена, како сите  љубители на птици на едно место би разменувале идеи и искуства.“ – завршува Србиноски.

О.Т.