Во координирана акција за заштита на шумското богатство на НП Галичица и службите на граничната и шумската полиција, вчера, при контрола во паркот, на границата со Република Албанија, затекнати биле двајца државјани на Република Албанија при кражба на дрва. Едниот е приведен, додека другиот успеал да избега.

Од извршените проверки било утврдено дека приведениот е 49-годишно лице од село Аларуп – Поградец.

Како што информираат од Националниот парк, дрвокрадецот нелегално ја преминал границата и навлегол во просторот на Р. Македонија во длабочина од околу два километри. Фатен е при кражба на дабово дрво и пустошење на шумата при што кај него е најдена моторна пила како и товарен добиток со кој требало дрвата да ги пренесе во Албанија.

-Одземени се два коњи и моторна пила, а запленети се околу два кубни метри дрва кои ќе бидат подигнати од страна на НП „Галичица“. – соопшти полицијата.

Приведениот е предаден на соодветните служби за преземање на понатамошни дејствија.

OhridNews