Сопствениците на пловни објекти кои ги придвижуваат  мотори со внатрешно согорување од застарен тип полека треба да се подготвуваат за нивна замена. Овие мотори се сметаат за големи загадувачи на животната средина и согласно европските директиви треба да се исфрлат од употреба, укажуваат надлежните институции.

– Охридското Езеро не е преоптоварено, но треба да се внимава и да се води грижа за заштита на животната средина со користење на еколошки мотори кои задоволуваат одредени стандарди додека двотактните мотори ќе бидат исфрлени од употреба согласно европските директиви за заштита на животната средина. Тоа пред се се однесува на моторите кои работат на мешавина, кои еден ден ќе бидат исклучени.-вели Љупчо Настоски од Капетанијата на пристаништата.

Сопствениците на чамци и бродови со нееколошки мотори ќе добијат рок за нивна замена, а забраната ќе се однесува на сите пловни води во државата.

Од Капетанијата на пристаништата информираат дека во земјите каде веќе е имплементирана оваа мерка државата ја помогнала замената на нееколошките мотори со субвенции и дека Македонија треба да размислува за примена на тој модел. Дополнително како мерка на заштита, треба да се размислува и за забрана на увоз на неразградливи моторни масла со што во голема мера би се спречило загадувањето на животната средина.

Според податоците на Капетанијата на пристаништата, во Македонија официјално се регистрирани 1017 пловни објекти, а помал дел од нив,  користат нееколошки мотори.

OhridNews