Иако надлежните институции имаат преземено мерки и активности, не е обезбедена целосна и соодветна грижа за старите лица над 65 години и за управувањето и одржливоста на пензискиот систем во услови на забрзано стареење на населението, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Со спроведената ревизија стекнавме разумно уверување дека иако надлежните институции имаат преземено мерки и активности, не е обезбедена целосна и соодветна грижа за старите лица над 65 години и за управувањето и одржливоста на пензискиот систем во услови на забрзано стареење на населението. Преземените мерки и активности од надлежните институции не се доволни за одржливост на среден и долг рок, односно не се преземени потребните системски мерки за намалување на брзото демографско стареење на населението и зголемените притисоци врз јавните финансии, посочуваат во ивештајот.
Иако пензискиот систем димензиониран во три столба, велат, обезбедува редовна исплата на пензии, неговата фактичка одржливост е нарушена поради неповолните демографски трендови, ниската стапка на придонеси, како и зголемувањата на пензиите кои не се засновани на раст на платите, вработеноста и придонесите. Иако пензиите се исплаќаат навремено, тоа се постигнува со растечки буџетски трансфери и со одложување на потребните структурни реформи.
Инвестициските портфолија на задолжителните пензиски фондови се концентрирани во домашни државни обврзници што го ограничува приносот на пласираните средства поради ефектот на инфлацијата. Во периодот од 2014 до 2024 година, учеството на буџетските средства во вкупните приходи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се движи помеѓу 32,6% и 43,6%. Во 2024 година трансферите од Централниот буџет достигнуваат 42.474 милиони денари (приближно 690,6 милиони евра). Проекциите за крајот на 2025 година укажуваат на дополнително зголемување на трансферите, што претставува значителен фискален ризик за државниот буџет.
По истекот на Националната стратегија за стари лица во 2020 година, државата нема донесено сеопфатен стратешки документ исклучиво посветен на старата популација. Услугите за старите лица се ограничени, услугата помош во домот е достапна за помалку од 1% од лицата над 65 години, а воопшто не е воспоставена во 31 општина. Доминантен дел од грижата и натаму припаѓа на неформалниот сектор и на семејствата.
Демографските трендови се загрижувачки. Просечната старост на населението е зголемена од 32,3 години во 2000 на 41,8 години во 2024 година. Учеството на лицата над 65 години расте, додека уделот на помладите генерации опаѓа. Главната причина за демографскиот пад не е само нискиот наталитет, туку и емиграцијата на населението. Во последните години се регистрирани драстични намалувања: кај децата во прво одделение во однос на родените 6 години претходно бројот на запишани во основно училиште е понизок за 2.774 ученици, а кај матурантите оваа разлика е повисока и изнесува 34,6% (од 22.585 живородени/14.771 матуранти).
Уделот на лицата над 65 години ќе се искачи од 19,1% во 2025 на 32,6% во 2050 и 34,2% во 2055 година. Бројот на лица над 80 години ќе се зголеми од околу 22.000 во 2024 на над 144.000 во 2055 година, додека работоспособното население (15–64 години) ќе се намали за приближно 470.000 лица. Во отсуството на навремени и ефективни реформи, трансферите од буџетот за првиот пензиски столб би можеле да достигнат 7,4% од БДП во 2057 година што ќе доведе до сериозно оптоварување на Централниот буџет, велат од Државниот завод за статистика.
OhridNews












