ЈП Колекторски систем-Скопје работи повеќе од 35 години без добиена дозвола за собирање, одведување и пречистување на отпадни води. Истото во 2024 година фактурирало само 33% од испуштената пречистена вода, а со акумулирани обврски од 493.108 илјади денари односно повеќе од 8 милиони евра и блокирана сметка од неговото основање, претпријатието се соочува со сериозни финансиски предизвици, намалена ликвидност и ризици за одржливоста на работењето. Ова се посочува во извештајот од Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Од основањето до денот на ревизијата, претпријатието нема добиено дозвола за собирање, одведување и пречистување на отпадни води, која ја издава МЖСПП. Колекторскиот систем не е опремен со протокомери за мерење на количината на влезна отпадна вода, недостасува СКАДА- систем за целосна контрола и мониторинг, а претпријатието не располага ниту со агрегати за резервно напојување со електрична енергија. Претпријатието нема сопствен информационен систем за евиденција на корисниците на колекторската мрежа, па за таа цел ги користи системите на ЈП „Водовод“ Охрид, ЈП „Водовод и канализација“ Струга и ЈКП „Дебарца“. Само околу една третина (33%) од испуштената пречистена вода е фактурирана (во 2024 година фактурираната вода изнесува 3.736.453 m³, додека испуштената пречистена вода е 11.300.390 m³), што укажува на сериозни технички и физички недостатоци во мрежата на зголеменото ниво на отпадните води, се вели во извештајот.
Во трговските книги и финансиските извештаи со 31 декември 2024 година, се надеведува дека се евидентирани побарувања од поврзаните друштва ЈП „Водовод“ Охрид и ЈП „Водовод и канализација“ Струга во вкупен износ од 364.491.000 денари, односно 5.926.683 евра, кои се преземени по основ на статусната промена и се однесуваат на корисници приклучени на колекторскиот систем заклучно со 30.06.2019 година.
Инфраструктурните објекти (цевковод, пумпни станици и пречистителна станица), изградени пред повеќе од 35 години во вкупен износ од 129.948.000 денари (2.112.976 евра), се уште не се запишани во катастарот на инфраструктурни објекти, кој е составен дел од Катастарот на недвижности. Освен за земјиште од 812 м² (пумпна станица Подмоље), ЈП Колекторски систем Скопје, не поседува имотни листови за инфраструктурни објекти – цевковод во должина од 40,9 км, пумпни станици, пречистителна станица, како и за земјиштето под нив. Јавното претпријатие, основачот и општините во регионот преку акционите планови и инвестициони програми не придонеле доволно за одведување и прочистување на отпадните води и заштита на Охридското Езеро, стои во извештајот.
Ревизијата укажува на неминовна потреба од изготвување план за финансиска стабилност кој ќе вклучи реална проценка на ликвидносните ризици, временска рамка за деблокирање на сметката и отплата на обврските, мерки за намалување на зависноста од краткорочни задолжувања, приоритетна наплата на побарувањата и оптимизација на трошоците, со цел обезбедување на долгорочна стабилност и одржливост на работењето на претпријатието.
За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.
OhridNews












