Во пресрет на претстојните празници, кога традиционално се организираат предновогодишни и новогодишни прослави, забави, а и јавни собири во угостителските објекти, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) апелира до сопствениците и организаторите да постапуваат одговорно и целосно да ги почитуваат прописите за заштита од пожари и за безбедност на посетителите, а секако и за брза евакуација и при други итни случаи на загрозеност на животот и здравјето на граѓаните и при други опасности.

Со цел заштита на животот и здравјето на граѓаните, ДЗС посочува дека е задолжително:

  • целосно да се почитува максимално дозволениот број посетители на организираните настани, согласно капацитетот и важечките прописи;
  • објектите да бидат соодветно обезбедени со исправна противпожарна опрема, којашто е неопходно непречено да биде достапна за итна употреба и што е редовно одржувана;
  • коридорите, излезите и патиштата за евакуација да бидат постојано чисти, проодни и без пречки;
  • излезните врати за евакуација да бидат отклучени и функционални за непречено напуштање на објектите во случај на пожар или друга опасност;
  • да се почитува забраната за користење на пиротехнички средства и да не се користи отворен пламен во затворени простории или други потенцијално опасни материјали спротивно на законските прописи;
  • персоналот да биде информиран и подготвен за постапување во случај на итна состојба.

Почитувањето на овие превентивни безбедносни мерки, додаваат, не е само законска обврска, туку е и морална одговорност на секој сопственик и организатор на масовни настани кон неговите гости и вработени.

OhridNews