На пописот на население што треба да се врши во 2020 година, да нема прашање за етничка и верска припадност. Ова е предлогот на Државниот завод за статистика во нацрт верзијата на законот за попис, како што велат,  за пописот да се заштити од политизација. При тоа, ќе има прашање за јазикот, односно за јазикот што вообичаено се зборува во домаќинството и за мајчиниот јазик.

Нацрт законот за попис најдоцна во понеделник ќе биде ставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи на РМ (ЕНЕР) со цел да се добијат забелешки доколку има по текстот на законот, до крајот на годинава се очекува законот да ја помине владината процедура, а во февруари идната година да биде донесен и од Собранието.

Пробниот пописот ќе биде спроведен во април 2019 година во 32 пописни подрачја, а ќе бидат опфатени четири пописни кругови во осум региони. Како што велат од ДРжавниот завод за статистика, пробниот попис ќе се спроведе во Гостивар, Зелениково, Кисела Вода и во Свети Николе, а ќе опфати 3.000 домаќинства.

Со пописот во 2020 година ќе се попишува населението кое е во Македонија, како и странците кои се со подолг престој од една година во земјава, но ќе се врши попис и на отсутно население, кое е надвор од земјава повеќе од една година.

Попишувачи ќе бидат лица од локалното население, добро обучени, кои ќе треба да имаат познавање на ИТ технологијата, бидејќи попишувањето ќе се врши на лаптоп, а не со хартиени прашалници. Со попишувањето на овој начин, посочуваат од ДЗС, ќе се намали времето за прибирање на податоците, ќе се намалат трошоците за пописна операција, како и времето потребно за обработка на податоците. На претходните пописи податоците биле обработувани за една до една ипол година, а сега се планира тоа да се заврши за не повеќе од три месеци.

OhridNews