Ќе се воведува ред во такси превозот во Охрид, повисоки цени, но и ќе се бара квалитетна услуга беше потенцирано на вчерашната седница на Совет на Општина Охрид каде беше изгласана Предлог-одлуката за изменување и дополнување на одлуката за авто такси превоз на патници. Цена на превозот за старт ќе изнесува 50 денари и за секој изминат километар на превоз цената ќе изнесува 35 денари од 5 часот наутро до 23 часот навечер, а 45 денари од 23 часот навечер до 5 часот наутро.
Советничката Живка Ангелоска истакна дека апсолутно е основано барањето од такси здруженијата за зголемување на висината на надоместокот за користењето на нивната услуга.
Во интерес е и пред се на такси здруженијата, на вработените но и на нашиот град и нашите граѓани овие такси компании да имаат континуитет во работата, да можат да се справат со предизвиците кои ги носи ова време, кога имаме повеќекратно покачување на трошоците за гориво, за одржување на возилата, како и трошоци за вработените. Со оглед дека ја зголемуваме цената, барам и зголемување на квалитетот на услугата и почитување на сите услови од Одлуката. Такси превозот претставува и имиџ на еден град и за туристите, а и ние како граѓани на Охрид сме задоволни доколку се почитуваат условите. Треба да се вршат контроли на дивите такси превозници, со жолтите таблици се надевам дека ќе се подобри состојбата, но добро е да има и еден телефонски број на кои граѓаните кога ќе бидат одбиени да ја добијат својата услуга да можат да пријават кај надлежните органи, истакна Ангелоска.

Градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека на одржаниот координативен состанок прецизирани биле точно условите и дека им се излегува во пресрет на такси превозиците и со право, бидејќи вели требаше ревидирање и воспоставување на нови услови при возењето.
Ќе излеземе во пресрет на такси превозниците за нивните барања, но ќе бидеме повеќе од ригорозни со службите, доколку работите не се одвиваат како што треба. Првично проблемот со лиценцирани и нелиценцирани такси превозници ќе го решаваме со жолти таблици кои ќе се заменуваат тековно. Цената е повеќе од пристојна со која се согласуваат сите, инспекциски служби ќе си ја вршат својата работа и да овозможиме да бидеме достапни и пристапни. Ќе биде извршено и баждарењето на таксиметрите. Со оглед дека најчесто користена станицата е кај поштата кај знакот за такси станица ќе биде обележан број каде ќе можат да пријават туристите и граѓаните дека некој одбил да ги вози, не вози по таксиметар… , потенцираше градоначалникот Пецаков.

Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески исткана дека во однос на такси постојките ќе се направи ревизија во координација со Одделението за сообраќај на Одлуката и на следната Седница на Совет ќе бидат напрвени измени.
Поскапувањето на такси превозот се очекува од 1 мај. Досега такси превозниците возеа за 50 денари прв километар, па потоа 30 денари секој следен.
Н.С.Ј.












