Со рибниот фонд на трите природни езера, ќе управува еден концесионер информираат од Хидробиолошкиот завод Охрид, кој ги изработи риболовните основи врз основа на кои ќе бидат издавани концесиите за стопански и рекреативен риболов.

-На последната седница пред Нова година на 27-ми декември Владата донесе одлука управувањето со рибниот фонд на Охридското, Преспанското, Дојранското, како и на Дебарското Езеро да се даде исклучиво на еден концесионер, како за стопански така и за рекреативен риболов, односно на едно правно лице, изјави за OhridNews, Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот завод од Охрид.


Еден концесионер за сите три природни езера

Според него ваквата одлука некому не одговара, поради што деновиве Хидробиолошкиот завод е под жестоки критики. Најгласни во критиките се од риболовното здружение „Св. Апостол Петар“ од каде го обвинуваат Хидробиолошкиот завод за поморот во мрестилиштето на научнта институција што се случи на 1-ви јануари, при што поради недостаток на свежа вода угинаа околу  15 отсто од матиците пастрмка.

– Обвинувањата за неодговорно работење на Хидробиолошкиот завод се смешни, бидејќи ако некој се грижи за заштита на пастрмката и на рибниот фонд воопшто е токму оваа институција, а тоа го знае и народот и државата. Таквите обвинувања доаѓаат од оние на кои  не им одговара да постои една ваква институција која врши контрола на нивното работење, рече Спиркоски.

Охридското Езеро е без концесионер од 2004 година.

OhridNews