Животот сурово си поиграл со семејството Видиќески од Долно Луково, струшко. Девет деца и нивните родители живеат во нехумани услови во трошна куќа со две соби, во која има само четири стари кревети и душек послан на подот, каде сите спијат заедно.

Единствен редовен прилив во семејството се 3700 денари помош за нега која ја прима главата на семејството кому му е дијагностицирана психичка болест, а социјалната помош времено им е прекината. Поради долг од околу 24.000 денари исклучена е струјата, но државата редовно им испраќа сметки за радиодифузна такса.

-Се живее многу тешко. Немаме струја две години, на свеќи седиме, а децата не можат да учат. Сметки доаѓаат редовно и за струја и за улично осветлување, ама и за радиодифузна такса, иако немаме телевизор. Минатата година ми скинаа 3000 денари од сметка за радиодифузна такса. – вели главата на семејството Ѓуро Видиќески, кој поради болеста не е способен за работа.

Во нивниот дел од куќата која инаку ја делат со роднини, Видиќески немаат санитарен јазол, поради што личната хигиена и навики им се на многу ниско ниво. Физиолошките потреби ги вршат во полско веце, од каде фекалиите истекуваат на спортското игралиште од подрачното основно училиште поради што тоа не се користи. Од училиштето каде учат три од деветте деца кои се на возраст од 8 месеци до 19 години, се обиделе низ разговор со родителите да изнајдат решение за проблемот, но не успеале, поради што наставниците решиле сами да се организираат.

-Проблемот е комплексен, станува збор за повеќедетно семејство, без средства за опстојување на кое му е потребна помош. Ова семејство не е во состојба само да ги решава проблемите. Ни се случуваше да ги гледаме децата слабо облечени, болни, со пеги на кожата и одлучиме ние како наставници да реагираме, да преземеме мерки со помош на институции, организации и граѓани да се изгради приоритетно едно купатило за да можат да се грижат за личната хигиена. – вели Киро Бизимоски – раководител на подрачното училиште ОУ „Гоце Делчев“.

За да се направи купатило со довод и одвод треба да се адаптира дел од плевната која е прилепена за куќата на Видиќески и да се ископа септичка јама, бидејќи селото нема канализација. За тоа се потребни финансиски средства и помош во материјали и опрема. Незавидната состојба во која се наоѓа семејството Видиќески го мотивира подмладокот на општинската организација на Црвениот крст од Струга кој започнаа акција за собирање средства за подобрување на условите за живот на семејството Видиќески, која ќе биде заокружена во хуманитарен концерт, што ќе се одржи на 18 март во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Младите волонтери апелираат до сите хумани граѓани, компании и организации во регионот кои имаат можност, да се приклучат на акцијата и да помогнат Видиќески да добијат дом во кој ќе има елементарни услови за живот.

-На хуманитарниот концерт ќе настапат пејачи и културно уметнички друштва, а собраните средства ќе бидат наменети за реновирање на куќата на семејството Видиќески и изградба на купатило кое им е многу потребно. Апелирам до сите граѓани коишто имаат мебел, храна или други средства со што ќе ја помогнат хуманитарната акција, да ги донираат во општинската организација на Црвениот крст во Струга. – изјави Марија Уцман, волонтер во подлмадокот на ОО Црвен крст Струга.

Семејството често гладува, а јаде што ќе најде, најмногу од тоа што им го даваат добрите луѓе. Младите волонтери на Црвениот крст од Струга деновиве неколку пати го посетија Долно Луково, каде доставија храна за Видиќески и ги дружеа нивните деца, на чии лица можеше да се види искрена насмевка.

Во семејството Видиќески никој не е постојано вработен. Највозрасното дете го напуштило средното образование за да работи и печали за леб, но има само повремени работни ангажмани. Од истите причини неговиот брат, инаку деветто одделенец често отсуствува од настава. Но, тешкиот живот не минува без последици и кај него пред неколку години се појавила циста на десната рака која медицински не се третира бидејќи детето нема здравствено осигурување ниту пари за лекување.

-Ние размислувавме, сме околу 25 вработени, да собереме доброволен прилог да се изврши таа интервенција, тој е еден од тие што работи оди растовара дрва и слично за 100 – 200 денари за да донесе дома за да се прехрани семејството. – вели наставникот Бизимоски.

Хуманите наставници од подрачното училиште во Луково и младите волонтери на Црвениот крст од Струга, се надеваатт дека заедницата ќе се вклучи во акцијата за помош на Видиќески, но тоа го очекуваат и од институциите за да може ова семејство понатаму самостојно да се издржува, а децата да ја добијат потребната грижа, која сега ја немаат. Сите хумани граѓани, бизнисмени, хуманитарни организации кои сакаат да помогнат, треба да го контактираат наставниот колектив во ОУ „Гоце Делчев“ во с. Долно Луково и општинската организација на Црвениот крст во Струга, кои ја покренаа акцијата за помош на семејството Видиќески кое поради игра на судбината, но и отсуство на одговорност и соодветна грижа живее во услови кои се далеку од 21 век.

На потег се хуманите луѓе.

Горан Момироски